Место плата, за лекарите казна по учинок
Јасмина Јовановска
Во февруари здравството ќе го тресат серија штрајкови на здравствени работници од повеќе болници поради плата. Мразот ќе го скршат вработените од Стоматолошкиот клинички центар, кои утре ќе излезат на предупредувачки протест во знак на револт за воведување норми и во нивната здравствена установа, иако таа не е дел од пионерската реформа- плата по учинок. За две недели ќе штрајкуваат вработените од специјалната психијатриска болница Брадовци, кои бараат повисока плата, односно изедначување на платата согласно колективниот договор во здравството. Низата протести ќе бидат заокружени со штрајкот на вработените од универзитетските клиники. Лекарите ќе бојкотираат против новиот модел на плаќање по учинок. Тие не се против да добиваат плата по систем на наградување, но моделот за нив е фаличен и место награда ќе добијат казна.
„Место плата по учинок, ќе се добива казна по учинок“, коментираат синдикалците. „Моделот е во колизија и со законот за работни односи и со колективниот договор. Со него загарантирана ни е само 60 отсто од платата, а другиот дел од платата ќе ја добиеме ако ја исполниме нормата. А никој не може да ги исполни нормите поради ограничените буџети на клиниките“, објаснува првиот синдикалец на клиниките д-р Дејан Ставриќ. Тој смета дека не може една норма да важи за сите гранки од медицината, зошто се разликуваат услугите. „Еве пример, на Клиниката за максилофацијална хирургија има 10 лекари. За да се исполни нормата, секој лекар треба да изврши по пет од една од посложените интервенции, или вкупно 50 во месецот, а на клиниката такви операции прават едвај 50 годишно“, вели д-р Ставриќ, и прашува како да си ја обезбедат сегашната плата. Синдикатот не е против новиот модел за наградување, но не вака како што е дефиниран, па бараат да се доработи.
И вработените од Стомалошките клиники реагираат на помали плати од сегашните. „Се воведува норма само за да се скратат платите на вработените и со тие пари да се покријат платите на 69 нововработени, зошто во клиничкиот буџет нема пари за нив“, објаснува претседателот на синдикатот на Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон“, д-р Атанас Шуков.
Од психијатриската болница во Бардовци бараат повисоки плати. „Иако е болница, и оваа установа е наставно научна база на факултетот и има и три дневни болници. Затоа бараме плати како лекарите на клиниките, но и нови вработувања“, укажа синдикалецот Виктор Исијаносвки од болницата Бардовци.
Место со штрајк, Министерството за здравство го повикува синдикалците низ дијалог да најдат решенија за спроведување на новиот систем на плаќање по учинок. „Министерството нема да направи ништо што е спротивно или што не е во интерес на лекарите, на медицинскиот персонал и во крајна линија на пациентите. Проектот е наменет да овозможи дополнителни стимулации и наградување на лекарите, а не е замислен како начин за намалување на нивните плати. Ваквиот модел на плаќање според успешност постои во сите развиени здравствени системи во светот, како и во приватните болници во земјава. Нелогично е оној што работи и е сигурен во своите квалитети да не го подржува моделот кој е така дијзаниран да го награди лекарот“, сметаат од Министерството за здравство, кое излезе со соопштение по повод најавените штрајкови.
Здравството да се изземе од државна администрација
Клиничкиот синдикат бара здравството да се изземе од Законот за државни службеници. „Ако тој се примени, не само што ќе им се скратат платите на здравствените работници, туку ќе им се елиминираат и правата на работниците, односно, го елиминира колективниот договор“, вели Слободан Георгиевски, правник во Клиничкиот синдикат.
Од Министерството за здравство велат дека до нив нема официјална забелешка од лекарската фела, Синдикатот или друга еснафска организации. „Министерството е отворено за дијалог и секој конструктивен предлог ќе го преупати до Владата, која ќе оцени дали тоа треба и може евентуално да се прифати“, објаснуваат од Министерството. |