Белгискиот премиер лично ќе протерува азиланти
Брисел - Белгискиот премиер Ив Летерм лично ќе го следи протерувањето на одбиените баратели на азил, особено по претстојното укинување на визите за граѓаните на Албанија и на БиХ.
„Мора да бидеме цврсти и во однос на пристигнувањата. Бројките мора да ја отсликуваат нормалната ситуација“, изјави Летерм во интервју за весникот „Стандард“. Според Летерм, Белгија во изминатите десетина години создаде слика за себе како држава во која се' е можно и во која секој нелегален имигрант, порано или подоцна, може да го регулира својот статус.
„Ова мора да се заврши“, изјави Летерм, нагласувајќи дека е неопходно спроведување политика на протерување на одбиените азиланти, што ќе биде брза и одлучна. Според него, со оглед на претстојната визна либерализација за Албанија и за БиХ, која ќе стапи во сила од 15 декември, спроведувањето на овие мерки и нивниот ефект ќе бидат внимателно надгледувани.
„Доколку забележиме значителен прилив на имигранти, ќе реагираме директно. Политичката одлука е да ги поддржиме балканските земји во евроинтеграцијата, но во случај на злоупотреба ние ќе го стопираме тој процес. Доколку дојде до злоупотреба од страна на Албанија, повторно ќе ги воведеме визите“, истакна тој.
ЕК веќе најави нов специјален механизам за контрола на спроведувањето на визната либерализација, што би требало да предупреди за постоење на каква било злоупотреба. (Н.Р.) |