ЕДИТОРИЈАЛ
Политичари со змија в џеб
Снежана Калабакова
Годинава привршува, се сумираат резултати, а политичарите вообичаено се растрчуваат по детските домови да поделат новогодишни пакетчиња. Така беше и минатата недела, кога премиерот, неколкумина министри, заменици и државни секретари беа во посета на установите кои се под ингеренциите на Министерството за труд и социјална политика, а на децата им подарија запленети и отстапени текстилни производи од Царината.
Јакни, тренерки, блузички и панталончиња добија штитениците во Домот „11 Октомври“ од Скопје, Јавната установа за згрижување и воспитување и образование на деца „Ранка Милановиќ“, Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско Поле. На нови парчиња зимска облека се израдуваа и штитениците на Центарот за социјални работи на град Скопје, Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“, Прифатниот центар за баратели на азил во скопско Визбегово, Специјалниот завод во Демир Капија, Домот за доенчиња во Битола и Заводот за заштита на деца и младинци „Бања Банско“.
Премиерот Никола Груевски тогаш рече дека во Владата констатирале дека е добро запленетите производи да ги дадат во хуманитарни цели. Но, до кога политичарите ќе ја искажуваат својата хуманост подарувајќи само новогодишни пакетчиња купени со туѓи пари. Ќе издвојат малку од своето време и без да си брцнат во сопствениот џеб, накитени со туѓи пердуви, ќе се истопорат за сликање како донатори и добротвори. Дежави слика што се повторува со години наназад. Но, и лицемерно пред малите и мошне чувствителни суштества - децата. Тие не знаат да проценат, но затоа на возрасните веќе им е доста од предновогодишната пародија на политичарите на кои непресушна им е потребата да се сликаат „само за добри дела“, па дури и кога навистина не ги направиле. Добри дела не се прават со туѓи пари. Добрите дела се препознаваат кога се подарува неш��о свое на друг или се дели со другиот. Како треба да се биде вистински хуман на своите колеги им покажа вицепремиерот Зоран Ставрески, кога минатата година го отвори својот дом за едно од децата од Домот „11 Октомври“ и неговото семејство му го подари целото свое внимание и љубов. А тоа на овие деца им треба најмногу. Редок, но осамен пример што треба да го следат останатите. Политичарите треба да сфатат дека гестот што досега го правеа само за Нова година ги прави само „политичари со змија в џеб“.
Предновогодишните денови не се единственото време кога политичките фактори можат да се докажуваат на полето на хуманоста. На располагање имаат цел мандат од четири години, а можат да бидат хумани и надвор од тоа. Ним им останува да размислат за идеите и можностите кои ги имаат и што да им подарат на децата. А ним најмногу им се потребни внимание и љубов, кое иако не се надомест за родителските, сепак, може да ги усреќат. И тие како и сите деца сакаат роденденски прослави со семејство и торта, семеен ручек во недела или во некој делничен ден. Сето ова може да им ги разубави детските денови и барем за миг да им ги оттргне мислите од нивните вообичаени грижи. А такви денови може да имаат повеќе во годината, а не само еден.
Затоа политичарите мора да размислат и да видат каде треба, а каде не треба да се појават, кога се прави агендата за нивните предновогодишни активности. Не им е место ниту на големите спортски манифестации, како оваа последнава „Спортски оскар“, на која премиерот беше главна ѕвезда, а не спортистите. Тоа по инерција на дел од граѓаните им дава за право да сметаат дека штом се појавува политичар, манифестацијата добива политичка димензија. А тоа не му оди во прилог на спортот и на спортските манифестации, кои мора да останат чисти, без трошка политика во нив. |