ЕДИТОРИЈАЛ
ДИК не смее да влезе во партиски шеми
Катица Чангова
Македонија заработи единица по демократија за првото полувреме од вонредните парламентарни избори. Повеќе од заслужено дотолку повеќе што неделните избори, како никогаш досега во македонскиот плурализам, беа проследени со серија нерегуларности. На најбрутален начин не' потсетија дека потребата од партиски милитанти, посебно кога е во прашање гласање, никогаш не престанала. И дека не е направено ништо за тие да исчезнат од она што се нарекува демократија.
Кршење, полнење и крадење гласачки кутии. Инциденти и тепачки. Изборните насилства кулминираа со вооружени престрелки. Резултатот крвав - повредени лица и загубен човечки живот. Сето ова ја прелеа чашата, бидејќи одамна не се практикува во ниту една соседна земја. Нема оправдување и амнестија затоа што немилите настани се случуваа во средините со доминантно албанско население. Факт е дека се посрамотивме и не успеавме да демонстрираме политичка зрелост. Вината и одговорноста е заедничка. Потфрлија и институциите и партиите.
Рефлекторите се вперени во Државната изборна комисија, која е на потег. Зрачат, печат и ќе го следат секој нејзин потег и одлука. Исправена пред многу сериозна и одговорна задача, ДИК треба, најблаго речено, филигрански да го одработи сето она што остана незавршено од вонредниот изборен процес. Тука се приговорите на учесниците во трката за пратеници и важните одлуки за поништување на изборни резултати. На списокот задолжителни обврски за ДИК се санкциите за оние кои се осмелија да ги нарушат демократските начела за фер избори. Тука за ДИК важи девизата - казна за секого, милост за никого.
Вистински тест за ДИК ќе биде 15 јуни, кога ќе се прегласува во најтрусните изборни реони. Теренот е тежок и жежок, а грешки не се дозволени. Оваа врховна изборна институција не смее да потфрли и да потклекне во стручноста, професионализмот и непристрасноста. Државната изборна комисија не смее да остави ни промил можност некој да се посомнева дека влегла во некакви партиски шеми, во нечии инструкции и калкулации. ДИК мора храбро на сопствени плеќи да ја понесе и да ја издржи тежината на изборната драма. Во спротивно, институцијата само ќе испрати лоши сигнали. ДИК треба да покаже дали може да ја врати довербата во законитоста на изборниот процес. Ако не успее во тоа, тогаш ќе остане неизбришлива дамка на овие избори. Само ќе се залажуваме за изборни триумфи по кои најголем губитник се граѓани��е и државата.
Несвојствена беше реакцијата на претседателот на ДИК Јован Јосифовски, кој за само четири часа даде две различни гледања за денот на изборите. Непријатно изненаден и дури запрепастен од манифестираното насилство, тој спонтано и човечки реагираше кога кажа дека имаме „ужасно лоши избори“ и дека тоа ќе има последици. Потоа, неочекувано констатираше дека изборите поминаа во фер и демократска атмосфера. Дали Јосифовски заборави дека се случија сериозни инциденти и незаконитости?! Дали можеби тоа беше причината што ДИК речиси цели два дена не се појави во јавноста?!
Светот очекуваше Македонија да се покаже во посебен изборен декор и да ги потврди, па дури и да ги надмине одличните препораки од 5 јули 2006. Одржувањето мирни, фер и демократски избори беше деветтиот критериум за евроатлантските претензии. Меѓународните мисии со разочарување и скандализирање ги констатираа изборните аномалии несвојствени за држава која се подготвува за влез во ЕУ.
Државата е пред поправен испит. Изборниот циклус допрва треба да финишира. Имаме шанса за ублажување, но не и за бришење на премногу лошиот впечаток од изборите што со своите очи го посматраа некои амбасадори. Дали ќе ја искористиме приликата? Тоа зависи само од нас. |