Десетмина полицајци затруени од отровот кај Блаце

Институциите и по четири дена немаат решение за проблемот, а се' уште го испитуваат и составот на пратката
Деспина Трајковска
Десет полицајци од граничниот премин Блаце завчера побарале лекарска помош жалејќи се на кашлање, задушување, зголемен крвен притисок и главоболка. Оваа информација вчера ја пренесоа повеќе медиуми, повикувајќи се на Центарот за управување со кризи. Полицајците биле во непосредна близина на трите камиони со сомнителен товар, кои со денови се блокирани во меѓуграничниот простор. На тегоби се пожалиле и од екипата на Итна медицинска помош, но и селаните од Блаце кои се огорчени и бараат итно отстранување на камионите со непознат опасен товар.
Поради четиридневниот проблем со трите камиони заглавени на Блаце, граничниот премин од вчера околу пладне целосно беше затворен за излез од државава, а се влегуваше единствено пеш. Нашите гранични служби беа принудени да ги спуштат рампите кон Косово, бидејќи, како што посочија очевидци, стотина селани од најблиското населено место до косовската граница го блокирале тамошниот премин, бидејќи од камионите чувствувале неподнослива смрдеа и стравувале за своето здравје. Надлежните институции и вчера, четврти ден од случајот, немаа резултати од испитувањето на сомнителната материја. Трите камиони, пак, и понатаму се заглавени на меѓуграничниот простор, обележани со полициски ленти „стоп“. Доколку тие не се отстранат во рок од 24 часа, селаните од Блаце се закануваат дека целосно ќе го парализираат нашиот граничен премин, користејќи радикални мерки.
„Ќе видите што ќе направиме. Цело село се жали на тегоби, вчера некои беа принудени да одат во болница“, се закани селанецот Самет Кока во името на неговите 1.200 соселани.

Колони возила, пак, уште три километри пред Блаце беа одвраќани од полицијата, а за кусо време патот кон Стенковец беше блокиран од паркирани камиони и цистерни кои чекаа отворање на преминот кон Косово. Иако информирани за сите случувања, надлежните служби вчера не дадоа цврсти докази оти ситуацијата ќе се стабилизира. Владиниот портпарол Ивица Боцевски најави дека сите наскоро очекуваат решение на проблемот, но до затворање на весникот ситуацијата остана непроменета. Институциите се' уште утврдуваат каква супстанца се пренесува во камионите, а комуникацијата со косовските колеги, за к��јашто Боцевски тврди дека се одвива непречено, се' уште не даде плод. Од Владата и вчера само го повторија ставот дека пратката може да транзитира низ нашата држава единствено доколку се препакува соодветно, согласно со стандардите. Боцевски демантира дека десетина полицајци кои биле во близина на камионите завчера биле хоспитализирани. „Им се правеле редовни лекарски контроли“, кусо рече владиниот портпарол. Ниту полицајците на граничниот премин не сакаа да ја коментираат оваа информација која вчера ја пласираа од Центарот за управување со кризи. Засега единствено, како што уверуваат инволвираните во случајот, пратката во камионите не е радиоактивна. Тие заглавија на Блаце откако косовските погранични служби во неделата не ги пропуштија камионите сомневајќи се во содржината на пратката. Без претходна најава - ги вратија кон Македонија. |