Здрава вода за 13 села во Прилепско“
ПРИЛЕП - Тринаесет села од општините Долнени, Кривогаштани и Крушево ќе добиваат здрава и исправна вода за пиење. Вчера е предадена во употреба новата хлорна станица во Дебреште, која ќе го контролира квалитетот на водата за пиење што ја добиваат жителите од регионалниот водовод „Студенчица“.
Според градоначалникот на Општина Долнени, Абдула Бајрамоски, во чиј атар е хлорната станица, населението една и пол година користеше непроверена вода. „Со хлорирањето на водата, нема опасност од ризик за здравјето“, додаде Бајрамоски.
Новата станица ќе ја хлорира водата за жителите од населените места Дебреште, Лажани, Кошино, Житоше, Борино, Јакреново, Саждево, Локвени, Годивје, Кореница. Подвис Норово и Крушево, каде што има над 16.000 жители.
Потребните пет и пол милиони денари за хлорната станица ги обезбедија Швајцарската агенција за развој и соработка, која учествува со 57 отсто од средствата, македонското Биро за рамномерен регионален развој покрива 25 проценти, а со 18 отсто учествуваат општините. Станицата се изгради за шест месеци. Од развојната агенција „Преда“, која раководеше со проектот, нагласуваат дека опремата е со највисок квалитет и ќе обезбеди квалитетна вода за седум проценти од населението во Пелагонискиот регион. (Д.Р.) |