Балканската изложба „Бендисај го или батали го“ го отвора „Скопско лето“
Тина Иванова
Многу театарски претстави, музички концерти од сите жанрови, ликовни изложби и перформанси, филмски проекции, или накусо, околу 70 програми се содржани на годинашното, 32 издание на манифестацијата „Скопско лето“ која ќе почне на 21 јуни и ќе трае се до 30 ��ули. На првиот ден на летото и на светскиот ден на музиката, „Скопско лето“ ќе стартува со изложбата „Бендисај го или Батали го“ на Музејот на современа уметност која е дел од големиот проект „Балканска трилогија“ почнат во 2003 година. Изборот на делата кои ќе бидат претставени пред македонската јавност го направи Рене Блок и подразбира презентација на графички дела од триесет светски познати автори, меѓу кои и македонски. Потоа, свеченото отворање ќе продолжи во Македонската опера и балет со Гала оперски концерт под диригентство на Бисера Чадловска, на кој ќе учествуваат бројни македонски солисти.
„Можеме да се пофалиме дека годинешното ’Скопско лето‘ содржи мошне богата програма. Се обидовме да донесеме голем број театарски претстави, македонски и странски, меѓу нив и премиери, но и голем број на музички концерти и програми за деца“, рече директорот на „Скопско лето“, Мирко Стефановски, на вчерашната прес-конференција. „Годинава имаме и многу новитети, а се враќаат и некои програми кои ги немаше. Ќе биде доживување во текот на вечерните часови во јуни и јули да се посетат најновите македонски и меѓународни остварувања. Од седумдесетина програми, преку 20 се од странство, па тоа е можност некој од нив координирано да се презентираат и во градовите низ Македонија“.
На прес-конференцијата, меѓу другите, присуствуваше и кураторката на изложбата со која ќе почне манифестацијата, Викторија Васева-Димеска, која истакна дека „Скопско лето“ конечно по пауза од неколку години повторно се отвора со изложба. „Соработката меѓу МСУ и Дирекцијата за култура и уметност е децениска, но ова е навраќање на оние денови кога акцентот се ставаше на ликовниот сегмент. ’Бендисај го или батали го‘ е дел од еден голем проект ’Балканска трилогија‘, од еден голем каталог со дијалози, расправии кои се одржуваа низ Балканот и кои содржат навистина интересни размислувања на уметници, куратори, историчари на уметноста“. На изложбата, меѓу другите, ќе бидат презентирани и дела од истакнатите Марина Абрамовиќ, Маја Баевиќ, Брацо Димитриевиќ, Владо Мартек, Оливер Мусовиќ...
„Скопско лето“ годинава го враќа традиционалниот „Блуз и Соул“ фестивал која ќе се одвива на 4 и 5 јули во клубот „Колосеум“. Уметничкиот директор, Васја Ивановски, истакна дека и годинава, кој го доживува своето 15. издание, фестивалот ќе понуди интересна програма. „Постои идеја фестивалот да се одржува независно од ’Скопско лето‘, и тоа во септември во Универзалната сала, така како што и почна“, вели Ивановски.
По една деценија, „Скопско лето“ во својата програма ќе има и претстава за деца на Театарот за деца и младинци. Станува збор за премиерата на „Рекламна бајка“ во режија и текст на Русомир Богдановски. „Многу сме среќни што Театарот се враќа на ’Скопско лето‘ и тоа на голема врата, со премиера. Се надевам дека соработката ќе продолжи и во иднина, зашто мислкам дека на овој театар и тоа како му е местото на оваа манифестација“, рече директорот Драган Довлев.
До крајот на манифестацијата, скопјани ќе имаат можност да проследат уште неколку изложби, како мултимедијалниот проект „Скопје помеѓу наука и фантастика“ на кој учество земаат повеќе автори, но и ликовни, графички и изложби на фотографии. Учество ќе земат и Албанскиот театар, Драмски театар и Македонскиот народен театар. Во делот од музичката програма, содржани се сите жанрови и стилови, а особено акцент е ставен на етно музиката и на македонската музичка традиција која ќе биде претставена од голем број на фолклорни ансамбли.
Годинава, „Скопско лето“ ја збогатува и филмската програма. Преку неа ќе го одбележи јубилејот - 50 години на филмското платно на македонскиот режисер и актер Коле Ангеловски, а ќе се одржува и традиционалното „Кафе кино“ кое ќе се одвива на отворено во Забавниот парк „Луна“.
Манифестацијата „Скопско лето“ се одржува под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура, а е поддржано од спонзори и пријатели. |