Поглед
3-Д во Македонија?
Сунчица Уневска
Големиот светски хит „Аватар“ се враќа во киносалите. Најавата на дистрибутерот е дека сите што не го искусиле ова фантастично искуство 3-Д во атрактивниот свет на Џејмс Камерон, сега ќе имаат можност, бидејќи новата специјална едиција, исто така, �� направена во 3-Д. Освен тоа, и бројот на специјализираните киносали за 3-Д познати како IMAX, каде што доживувањето на овие филмови е неверојатно, постојано се зголемува, а најновата вест е дека наесен вакво кино се отвора и во Хрватска.
А што е со Македонија? Ваквите вести секогаш повторно не' потсетуваат дека сево ова за нас не важи, ние и натаму остануваме надвор од светските текови. „Аватар“ го видовме, ама на вообичаената 35мм копија и зошто би ја земале специјализираната едиција, која има нови осум минути, кога ние во нашите кина не можеме да забележиме многу разлика.
И сево ова можеби и не би било страшно ако очекуваме нешто да се преземе во иднина, воопшто со состојбата на киносалите во земјава, а за 3-Д и да не зборуваме. Состојбата останува еднакво лоша додека ние се задоволуваме со „Милениум“ и со „Рамстор“. Мултиплексите и 3-Д кај сите наши соседи ги има повеќе години и тие најнормално ги следат сите новини во технологијата во светот. Но, не и Македонија. И никому ништо, никој не се потресува околу тоа.
Кога пред речиси десет години дојдоа од „Ворнер Брос“ во Македонија да ги видат условите за мултиплекс, веднаш се откажаа. Кај нас пиратеријата беше и е легална, а техничките улови се далеку од задоволителни. Во сите други земји киноприкажувачите вложуваат во киносали, но добиваат и поддршка од државите, дали преку кредити или преку поволни цени за атрактивните простори. Но, не и во Македонија. Овде за се' има изговор, освен за тоа да се направи нешто. Виновници нема, топката постојано се префрла, а ние и натаму си стоиме в место. |