Eден век хуманост на Мајка Тереза
Наградата „Мајка Тереза“ ја добија писателот Зендели и педијатарот Јотовска
Светлана Унковска
Патот на хуманоста, верата кон Бога и љубовта кон човекот беа единствените водилки низ животот на Гонџа Агнеса Бојаџиу или позната во светот како светицата Мајка Тереза. „Таа е Обединетите нации. Таа е мирот во светот“, вака во една пригода говореше поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Перез Де Куелјар, за Мајка Тереза. Чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на оваа голема хуманистка со уште поголемо срце, за кое самата таа велеше дека му припаѓа единствено на светот, вчера се одржа на неколку локации во Скопје - градот во кој се роди пред точно еден век, на 27 август 1910 година.
Одбележувањето започна со посета на Спомен-домот на Мајка Тереза, каде што беше отворена изложба на фотографии на светицата, а свечена седница беше одржана во Собранието, каде што пригодна реч одржа претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски.
„На само стотина метри од овој Дом, во некогашното Влашко Маало, постоела куќата на албанското семејство Бојаџиу, во која пред 100 години е родена Гонџа Агнеса Бојаџиу. На само стотина метри, денеска се наоѓа Спомен-куќата на Мајка Тереза, на местото каде што некогаш се наоѓала црквата ’Пресвето Срце Исусово’, во која само еден ден по своето раѓање е крстена Мајка Тереза. Овие две локации на своевиден начин го поврзуваат животот на младата скопјанка и ��уманистка во светски размери - Мајка Тереза“, истакна Вељаноски во своето обраќање.
Тој потсети дека при доаѓањето во својот роден град е прогласена за почесен граѓанин на Скопје, признание кое за неа било едно од најдрагите. Вељаноски, сепак, потсети и на тоа дека таа не сакаше да ја прашуваат на која нација и' припаѓа, затоа што себеси се сметаше за хуманистка на целиот свет.
„На прашањето што е по националност, Мајка Тереза одговара дека таа е скопјанка, која му припаѓа на целиот свет. Токму во овие нејзини зборови се гледа и се чувствува фактот дека сите ние прво сме луѓе, божји деца, без разлика дали припаѓаме на оваа или онаа нација или на оваа или онаа вера. Не е важно колку нешто добро си направил, туку е многу поважно дали тоа што го правиш го правиш со љубов“, потсети Вељановски на единствените мотиви и поттик во хуманизмот на Мајка Тереза, која во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Денес следбеници на нејзината работа и активности во светот се мисионерките од Сестринскиот ред, кои се присутни и во Скопје.
Вчера им беше врачена државната награда „Мајка Тереза“ на писателот Халил Зендели и на Олга Јотовска, педијатар, по повод 100-годишнината од раѓањето на најголемата хуманистка. Понтификална света литургија одржа католичкиот катедрален храм „Пресвето Срце Исусово“. |