Софија ја потресоа силни експлозии во магацин за старо оружје
Во магацинот биле складирани 1.500 тони застарена муниција
СОФИЈА - Серија силни експлозии вчера одекнаа во магацин за оружје во кој се складирани 1.500 тони застарена муниција, сместен во близина на Софија, потресоа неколку згради и предизвикаа паника кај илјадници луѓе, посочија властите и очевидци. Експлозиите уследија по пожарот во комплексот во близина на селото Челопечене во источниот крај на бугарскиот главен град, изјавија официјални лица од Министерството за внатрешни работи. Тие продолжија и во следните неколку часови. Но министерот за одбрана, Николај Цонев, подоцна по вонредниот состанок на владата, изјави дека експлозиите се намалени.
Стражарите во комплексот, кој беше поврзан со претходно затворена воена база, биле евакуирани. Засега нема информации за жртви или повредени, изјави министерот за внатрешни работи, Михаил Миков, пред парламентот. Властите апелираа до речиси двемилионското население на Софија да останат смирени. Проверките покажаа дека нема штетни емисии во воздухот, а официјални претставници од цивилната одбрана ја отфрлија можноста за потреба од масовна евакуација на градот. Софискиот меѓународен аеродром во североисточниот дел на градот беше привремено затворен, а авионите што требаше таму да слетаат беа пренасочени кон јужниот град Пловдив. „Изутринава во 6,30 часот избувна пожар во областа на Челопечене, а потоа одекнаа експлозии“, стоеше во соопштението на Министерството за вонредни ситуации.
Повеќето од 2.000 и нешто повеќе жители на Челопечене и оние од другите околни села беа евакуирани или панично ги напуштија своите домови, изјавија официјалните лица и очевидци на настанот. „Бевме преплашени ��о смрт“, рече Надка Дончева (61), жителка на селото. „Сите прозорци се скршени. Куќата се тресеше. Мислев дека е земјотрес“, рече расплаканата жена за националното радио.
Експлозиите потресоа згради и искршија прозорци во источните делови на Софија, јавуваат очевидци, а некои луѓе во паника истрчаа на улиците. „Нема повеќе закана. Опасноста што доаѓаше од 20-те тони ТНТ складирани таму помина, бидејќи тој изгоре“, изјави Цонев. „Се намалува бројот на експлозии. Нема причина луѓето да стравуваат од опасно загадување на воздухот“, додаде тој. Бугарија која е членка на НАТО треба да уништи околу 80.000 до 100.000 тони стара муниција од советско време, изјавија официјални лица. (Ројтерс) |