По шест години заложништво, Ингрид Бентакур е на слобода
Борците на ФАРК биле измамени од војници да ги предадат заложниците
БОГОТА - Колумбиската политичарка со француско потекло Ингрид Бетанкур и уште 14 други заложници се ослободени откако беа измамени бунтовниците што ги држеа во заложништво. Колумбиски војници, наводно претставувајќи се како припадници на невладина организација, успеале со хеликоптер да ги однесат на слобода. Бетанкур изјави: „Ова е чудо. Нема историски преседан за ваква перфектна операција“. Бетанкур повеќе од шест години беше во заложништво на левото крило на бунтовниците од ФАРК. Кога командантот на операцијата за ослободување на заложниците им кажа дека тие се слободни, „хеликоптерот речиси се урна, бидејќи ние скокавме од радост, викавме, плачевме и се прегрнувавме“, рече Бетанкур. „Не можевме да веруваме во тоа“, додаде таа.
ФАРК 40 години се бори за соборување на колумбиската власт, а Бетанкур беше нивниот најпознат заробеник. Меѓу другите ослободени заложници се тројца Американци и 11 припадници на колумбиските безбедносни сили, за кои се наведува дека се во релативно добра здравствена состојба. Претседателот Алваро Урибе упати честитки до армијата за успешно спроведената акција во која не беше истрелан ниту еден куршум и апелираше до ФАРК да ги ослободат и преостанатите заложници и да се обидат да постигнат мир.
Бледата Бетанкур се насмевна кога со преостанатите заложници излезе од воениот авион во колумбискиот главен град Богота, каде беше пречекана од нејзината мајка и сопругот. Таа апелираше до ФАРК да ги ослободат и преостанатите заложници и да постигнат мир. Бетанкур, исто така, му се заблагодари и на претседателот Урибе, на кого му беше противкандидат на претседателските избори кога и беше киднапирана, и рече дека „тој е многу добар претседател“. „И понатаму сакам да и помогнам на Колумбија како претседател“, рече таа.
На францускиот претседател Никола Саркози, кој направи приоритет на надворешната политика да биде спасувањето на Бетанкур, му се приклучи нејзиното семејство во неговата резиденција во Елисејската палата во Париз. Синот на ослободената заложничка, Лоренцо Делои Бетанкур на конференцијата за печатот изјави дека ова е „најдобриот момент во мојот живот“. Неговата сестра Мелани рече дека ова е како „будење од лош сон“. Децата на Ингрид ќе заминат за Колумбија каде повторно ќе се сретнат со нивната 46-годишна мајка.
Од видеоснимките објавени во ноември минатата година можеше да се забележи дека Бетанкур е слаба и снемоштена. Информациите од претходно ослободените заложници дека постои опасност таа да почине, го зголемија чувството за итно решавање на нејзината судбина. Меѓу другите ослободени имаше и тројца работници ангажирани од американското Министерство за одбрана кои беа заробени кога нивниот мал авион во 2003 година се урна во колумбиската џунгла. Сега Марк Гонзалвес, Томас Хауз и Кејт Стансел се вратија во Сан Антонио, Тексас каде ќе бидат подложени на медицински тестови и повторно ќе се сретнат со своите семејства. Единаесетте припадници на колумбиските безбедносни сили кои беа ослободени во оваа акција биле заробени во разни бунтовнички напади.
Колумбискиот министер за одбрана Хуан Мануел Сантос изјави дека бунтовниците на ФАРК биле измамени да ги предадат заложниците од страна на војници кои се претставиле како припадници на лажна невладина организација која наводно ќе ги пренела заробениците до кампот во кој ќе се сретнат со бунтовничкиот лидер Алфонсо Кано. „Хеликоптерите, кои беа сопственост на армијата, ги собраа заложниците во Гуаваре и ги однесоа на слобода“, изјави тој. Разузнавачи се инфилтрирале во редовите на герилците и го измамиле локалниот командант одговорен за заложниците, со прекар Цесар, додаде министерот за одбрана. Цесар и другиот бунтовник кои биле во хеликоптерот по кратко време биле совладани и сега ќе бидат изведени пред лицето на правдата, додаде тој.
Бетанкур подоцна на конференцијата за печатот изјави дека на почетокот не сфатила дека е спасена се' додека не го видела нејзиниот заробувач гол и со врзани очи на подот од хеликоптерот. „Го видов командантот на герилците, кој честопати беше суров со нас, на подот. Меѓутоа не почувствував среќа. Почувствував тага“, рече таа.
Командантот на вооружените сили генерал Фреди Падила изјави: „Сакавме оваа операција да биде спроведена на начинот како што тоа го направивме денес. Без истрелан куршум. Без повредени. Да ги вратиме заробениците здрави и живи, без гребнатина“.
Вилијам Браунфилд, американскиот амбасадор во Колумбија, изјави дека имало „блиска соработка“ од Американците, вклучувајќи и размена на разузнавачки информации, опрема и обука. Светските лидери ги поздравија овие вести, а по улиците на колумбиските градови голем број луѓе излегоа да прославуваат успешната спасувачка операција во земјата каде со децении се случуваат киднапирања.
Дописникот на Би-Би-Си во Меделин јави дека успешната операција од страна на колумбиските безбедносни сили е политички и воен удар за власта. Тој додаде дека ова е голем удар и за ФАРК, кој се надеваше дека ќе ги размени околу 60 политички заложници за стотици бунтовници заробени од колумбиските сили, а сега со спасувањето на Бетанкур загуби моќно преговарачко средство. ФАРК се' уште има повеќе од 40 познати заложници, меѓу околу 700-те други заробеници. Бетанкур има двојно државјанство како резултат на бракот со француски дипломат, со кого ги има и двете деца, а кој напорно работеше на тоа нејзината заложничка драма да остане во центарот на вниманието на светските медиуми. Политичарката беше киднапирана во февруари 2002 година додека ја водеше кампањата на територијата под контрола на силите на ФАРК. (Би-Би-Си) |