Брoj 2728  петок, 04 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

Гордон Браун се бори политички да преживее

Наместо ветените промени, борба за политичко преживување

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Првата година од својот престој на Даунинг стрит 10, премиерот Гордон Браун ја пречека во стушна атмосфера, соочен со гневот на Британците од влошената економска ситуација, драстичниот пад на рејтингот, со незадоволство на своите лабуристички пратеници и со пораката на лондонски „Тајмс“ дека само тој е виновен за она што му се случуваше во изминатите месеци откако без соочување со противкандидат беше назначен за наследник на Тони Блер. Циниците во лондонските гласила ја пречекаа изјавата на неговиот кабинет дека нема да има одбележување на годишнината ниту, пак, Браун ќе зборува, со забелешката дека премиерот и нема што да слави и одбележува кога позицијата на лабуристите и неговиот личен рејтинг се на најниското ниво „со децении наназад“.

Последното мерење на расположението на гласачите што го направија неколку британски агенции откриваат дека кога сега би имало избори, опозиционата конзервативна партија би освоила убедливи 46 отсто од гласовите, додека лабуристите, кои веќе 11 години се на власт, би имале поддршка од само 28 отсто од луѓето, што е позиција ниска каква што немало уште од катастрофалниот пораз на поранешниот лидер Мајкл Фут од ториевците пред 25 години. Само 16 отсто од гласачите сметаат дека лабуристите ќе победат на следните избори, додека други 67 отсто се убедени во победата на партијата на конзервативниот лидер Дејвид Камерон. Конечно, дури 60 отсто од испитаните мислат дека поранешниот премиер Блер бил, а и дека и сега би бил подобар како претседател на владата од Браун, а толку изнесува и процентот на оние што се на мислење дека Блеровата политика била подобра од онаа на актуелниот премиер. „Тајмс“ отиде и чекор понатаму од другите во критиките, тврдејќи дека, наместо да биде еден од најдобрите лабуристички премиери, Браун се соочува со реалната можност да биде прогласен за најлошиот претседател на влада на оваа британска партија, уште од времето на Ремзи Мекдоналд во доцните дваесетти години од 20 век, само затоа што беше „нетрпелив“ да го истисне Блер од функцијата за да може тој да седне во премиерската фотелја.

Ако не го истурка својот претходник, онака како што го направи тоа, и ако почекаше уште една година, до овој јуни, за да ја задоволи својата премиерска амбиција, работите за Браун ќе беа многу поповолни, констатира весникот. Притоа се потсетува на соопштението на Блер пред парламентарните избори во 2005 година дека сака да отслужи уште еден цел мандат кое, според новинските толкувања, значеше повлекување на една година пред следните избори, за, како што рече тогаш Блер, „на наследникот на лидерската позиција да му се остави доволно време за подготвување и соочување со гласачите“. Од тоа се извлекува заклучокот дека ако не беше антиблеровскиот пуч во партијата од браунистите и од самиот Браун, поранешниот премиер ќе се соочеше со турбуленциите на финансискиот пазар, слабата фунта, ударот на кризата со банкарските кредити, целосниот застој на домашниот пазар на неподвижен имот, поскапувањето на нафтата и бензинот и со глобалната криза со цената на храната. Сето тоа ќе поминеше низ рацете на Блер, чиј рејтинг ќе беше погоден, а овој јуни Браун ќе дојдеше на сцената како „спасител“, по што наесен ќе можеше мирно да распише избори и да ги добие, смета „Тајмс“.

Тоа не се случи, па новиот премиер мораше да се соочува со состојбите кои и не се британски и негови, но кои додадени на серијата пропусти, неснаоѓања и грешки „во чекори“ на премиерот и на неговите најблиски советници, придонесоа сите главни овдешни аналитичари да предвидуваат дека тој сигурно ќе ги загуби следните избори, кои поради сегашната ситуација и ниските позиции на лабуристите, најверојатно, ќе се одржат во мај 2010 година. И покрај ова, сепак, мнозинството од политичката јавност во земјата се согласува дека Браун почна мошне добро. Кога на крајот од јуни минатата година седна во фотелја што ја посакуваше и што мислеше дека нему „отсекогаш требало да му припаѓа“, со голем оптимизам на Британците им вети промени и тие му поверуваа. Се очекуваа промени во стилот на управувањето, во оддалечувањето од блеровското „претседателско“ раководење со владата и земјата, што самиот Браун го најави како „враќање кон вистинскиот парламентаризам“, па јавноста остана затечена и разочарана кога тој одлучи во Басра да каже дека ќе има повлекување на Британците од Ирак, а не пред пратениците во Долниот дом, како што претходно навести премиерот.

Случувањето „а ла Блер“ ги налути лабуристичките пратеници од левицата кои најмногу го „туркаа напред“ Браун, но ги разгневи ториевците затоа што соопштението дојде за време на нивната партиска конференција, што сите овде го оценија како „нефер и политички некоректен гест“ кон опозицијата, само за да се соберат поени пред јавноста.

Во Британија, Браун не само што не доби поени за тоа туку предизвика почеток на ладењето на јавноста спрема него како човек што им се нудеше како чист и неизвалкан, иако беше само четири месеци во Даунинг стрит 10. Тоа е времето кога по соочувањето со двата неуспешни терористички напада во Лондон и во Глазгов, на кои реагираше одмерено и сталожено, како што го направи тоа и со летните катастрофални поплави, лабуристите и Бруан имаа голема поддршка кај гласачите, од кои дури 62 отсто веруваа дека партијата со новиот лидер на чело ќе го добие и четвртиот мандат. Опкружен околу себе само со лојални луѓе, кои по секоја цена сакаа да покажат дека тргањето на Блер било сосема исправно решение за „спас на партијата“, во јавноста се пушти шпекулацијата за одржување предвремени избори во почетокот на ноември. Кога се чекаше на официјалната потврда, се појави Браун на Би-Би-Си и изјави дека нема да има избори ниту тогаш ниту во 2008 година, убедувајќи ги Британците дека никогаш не размислувал за предвремени избори.

Овој пат луѓето не само што не му поверуваа туку налутено му го свртија грбот, согласувајќи се со потсмешливите критики дека Браун не е „цврст како карпа“, туку дека е несигурен и исплашен човек, кому му е страв да се соочи со гласачите. „Оттогаш исчезна сликата што се градеше низ Блеровите години, дека тој е способен да се справи со секој проблем“, вели уредникот на неделникот „Спектејот“, Метју Данкона, објаснувајќи дека премиерот направи „тешка и неизнудена грешка“. Оттогаш Браун бележи постојан пад на својот рејтинг и престиж и ги загуби сите изборни предизвици - локалните избори во Англија и Велс, трката за градоначалник на Лондон, како и двете дополнителни гласања за две испразнети пратенички места, на кои забележа „понижувачки порази“. На тоа „Тајмс“ вели дека ако изминатата година останеше Тони Блер, тој во секој случај полесно ќе се справеше со некои внатрешни состојби во земјата, а немаше да ги направи гафовите што ги направија Браун и неговите соработници. Со тоа сега се согласуваат дури и лабуристичките гласачи кои му се наклонети нему.


Статијата е прочитана 165 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
По шест години заложништво, Ингрид Бентакур е на слобода
Софија ја потресоа силни експлозии во магацин за старо оружје
Отворањето нов фронт на Блискиот Исток би било стресно за САД
Двајца француски студенти во Лондон пронајдени избодени
Абрамович на Челзи се откажа од губернатор
Потврдени изборните резултати во Монголија