Клуч на училиштето во Црн Камен, на часови едно прваче
ВИНИЦА - Подрачното училиште во виничкото село Црн Камен веќе еден месец е затворено. Советниците на Општина Виница на последната седница дадоа согласност за поведување постапка за престанок со работа на училиштето поради тоа што во учебната 2008/2009 наставата ја посетува само едно дете во прво одделение.
Шестгодишниот Александар Велинов сега секојдневно патува од Црн Камен до село Јакимово со обезбеден превоз, додека наставникот и помошното техничко лице се повлечени на работа во ОУ „Гоце Делчев“ во Виница.
Според податоците од Одделението за вакцинации при Здравствениот дом во Виница во 2002, 2004, 2005 и 2007 година, во Црн Камен е регистрирано само по едно новороденче, а во 2003 и 2006 нема ниту едно новородено дете.
Во селото живеат 80 жители, од кои 20 се постари ергени и моми кои поради неизвесна егзистенција и сиромаштија воопшто не размислуваат за семејство. (МИА) |