Ќе се санираат штетите во прилепската болница
ПРИЛЕП - Министерство за здравство вети финансиска помош за санирање на штетите од минатонеделното невреме кога силниот ветар откорна дел од покривната конструкција на неколку одделенија во градската болница.
„Ќе направиме се' за да ги санираме штетите. Владата и Министерството ќе помогнат со 1,5 милион денари“, најави министерот Бујар Османи при вчерашната посета на прилепската болница. Ќе бидат одвоени дополнителни од 600.000 до милион денари за подобрување на условите во сите здравствени институции во државава.
„Ќе инвестираме во изградба на нова гасна потстаница. Во болницата се' уште се работи со гасни боци. Ќе ги реконструираме санитарните јазли, фасадата, подовите. За прилепската Општа болница се предвидени над 20 нови апарати за современа дијагностика и терапија“, истакна Османи.
Со странска донација од милион евра, Министерството презема мерки за да го реши проблемот со греењето. Се планира да се постават соларни панели за користење на сончевата енергија за загревање не само на прилепската, но и на другите болници во државава.
Пациентите во прилепската болница, која се загрева на мазут, подолго време се жалат дека внатре е студено и затоа се принудени да се покриваат со по неколку ќебиња. (Мн.Т.) |