„Филиграни 2008“
Сузана Спасовска со фестивалско Гран-при
Специјални награди од „Филиграни“ добија Вики Среброва и Татјана Лазаревска.
Петнаесеттото јубилејно издание на Фолк-фестивалот „Филиграни“ ја доби Сузана Спасовска како Гран-при победничка со песната „Заради децата“, чиј автор е самата таа. Фестивалот се одржа во петокот, 19 септември, во Домот на АРМ во Скопје, а на него беа изведени нови 24 фолк-песни. Првата награда, според гласовите на публиката, му припадна на Војо Стојановски за песната „Свети корени“, чиј автор е Јонче Петров, додека првата награда од жирито отиде во рацете на Блага Петреска за песната „Колку чини тагата“ од авторот Миле Барбаровски. Овој фестивал по наградите ќе го запаметат и Ани Малинкова со втора награда од жирито за „Кажи, човеку“, како и Даниела Темелковска („Неосвоива“), која третото место од жирито го подели со Сузана Гавазова („Згодна жена“). Од публиката со второ место беше награден Новица Василевски за песната „Еј струмичка вило“, додека третото место го поделија Зоран Дамјанов со „Песна за Ангелина“ и Пане Панев, кој ја изведе песната „Коцка“. Наградата за текст му припадна на Бранко Николовски за песната „Свети корени“, а за аранжман на Горан Алачки за „Галичка свадба“, во изведба на Андријана Алачки (награда за сценски настап). За најдобра беше прогласена интерпретацијата на Петар Нечовски, додека најдобар дебитант е Васко Палевски. Специјални награди од „Филиграни“ добија Вики Среброва и Татјана Лазаревска. |