Азијавизија е азиски пандан на Евровизија
Иако многу критичари на „Евросонг“ таа приредба ја сметаат за парада на кич и невкус, која нема никаква врска со музиката, се чини дека таквиот концепт на музички натпревар им е интересен и на другите континенти. Првиот „азиски Евросонг“ би требало да се одржи идната година, а на него би учествувале 15 држави, вклучувајќи ги Кина и Индија. Неколку земји веќе изразиле желба да бидат домаќини на првото натпреварување, кое според некои процени би можеле да го гледаат повеќе од 500 милиони луѓе.
Главното мото на Азијавизија е обединување на нациите преку музиката што „праќа универзална порака“. Покрај Кина и Индија, на Азијавизија ќе се натпреваруваат Тајланд, Виетнам, Индонезија, Јапонија, Пакистан, Филипини, Камбоџа, Јужна Кореја, Тајван, Лаос, Хонгконг и Сингапур.
„Луѓето во Азија ја сакаат музиката, но имаат и силна национална гордост. Ќе организираме пријателски натпревар меѓу различни култури“, изјавил Андреас Герлах, челник на Азијавизија. |