Бомба експлодира среде Широк сокак
Нема жртви ниту повредени, причинета е само штета на околните дуќани
БИТОЛА - Силна експлозија од рачна бомба вчераутро ги вознемири жителите на битолски Широк сокак. Нема жртви ниту повредени, причинета е само материјална штета на околните дуќани. Полицијата започна истрага.
Експлозивната направа е фрлена среде улица само дваесетина метри од хотелот „Епинал“. Искршени се излозите на бутикот ,,Хепенинг“, сопственост на грчки бизнисмени, и продавницата за бела техника ,,Електролукс“, чиј сопственик Александар Ристевски се оградува од каква било поврзаност со инцидентот.
,,Ова се случило рано изутрината. Полицијата дошла извршила увид, а мене никој не ме извести, разбрав од медиумите и дојдов. Среде улица е фрлен експлозив. Ако беше лична пресметка со мене, најверојатно, бомбата ќе беше фрлена директно во мојот дуќан, а не на улица, при што настрадаа повеќе објекти“, изјави Ристевски.
Очевидци на настанот нема. Жителите од колективната зграда со повеќе од 20 стана, која се наоѓа над продавницата за бела техника, велат дека почувствувале силна детонација, која ги разбудила. Дел од жителите на улицата помислиле дека се снима филм на Широк сокак.
„Толку многу беше силна експлозијата што ме разбуди од сон, помислив дека е земјотрес, ама потоа од прозорецот видов дека е нешто друго“, вели станар од зградата. ,,Случајно излегов на прозорец и кога ѕирнав, видов неколку луѓе како снимаат. Помислив дека снимаат филм на Широк сокак. Дури утрото кога излегов надвор, слушнав како девојчиња зборуваат дека некој подметнал бомба. Тогаш сфатив дека луѓето што снимаа биле од полиција“, раскажува Лидија Стојкова, жителка на Широк сокак.
Според полицијата, експлозивната направа била фрлена околу 4,50 часот. Засега не се познати мотивите и сторителите. ,,Предизвикана е експлозија, најверојатно, од рачна бомба. Нема повредени освен што се оштетени прозорски стакла од неколку дуќани. Полицијата работи на пронаоѓање на сторителите, утврдување на мотивот и целосно расветлување на случајот“, потврди Борче Пешевски, портпарол во МВР. Сопствениците на оштетените дуќани сметаат дека материјалната штета ќе ги чини по околу 1.000 евра. Иако дуќаните беа оштетени, благодарение на брзата интервенција на полицијата, стоката во продавниците останала негибната. (А.Б.) |