Претепан и ограбен дилер на девизи
КУМАНОВО - Двајца непознати напаѓачи завчераноќ го пресретнале 57-годишниот Бранко Р. пред влезот во неговата станбена зграда на улицата „Доне Божинов“ во строгиот центар на Куманово и откако го претепале и го собориле на скалите, од јакната му одзеле 2.000 евра, 1.000 американски долари и 45.000 денари.
Напаѓачите биле маскирани со качулки на главите. Никој од соседите не ги слушнал повиците за помош од страна на жртвата. Бранко Р. има статус на технолошки вишок и се занимава со препродажба на девизи. Негови роднини и пријатели кажуваат дека тој бил жртва на идентичен напад и пред шест месеци. До денеска, полицијата го нема расветлено тоа разбојништво. (Ст.Б.) |