Откриени 18 проститутки во три кафеани во Тетовско
Шест од девојките биле најдени во хотелот „Хилтон“ во Желино
Дури 10 од откриените биле во угостителскиот објект „Кораб“ во Горно Седларце
ТЕТОВО - Во организирана акциска контрола на тетовската полиција во три угостителски објекти се откриени 18 проститутки, од кои 14 странски државјанки и четири од нашата земја. Девојките се на возраст од 20 до 45 години, а наводно биле работно ангажирани како келнерки, пејачки, садомијачки или друг вид угостителски работнички. Меѓутоа, сите тие најмногу се занимавале со најстариот занает - проституција. Најмногу, дури 10 од откриените биле во угостителскиот објект „Кораб“ во Горно Седларце, сопственост на Месур С. (45), што се наоѓа покрај автопатот Тетово - Гостивар. Според тетовската полиција, тука се пронајдени по три девојки од Бугарија и Косово и четири од Албанија. Во „Хилтон“ во Желино, сопственост на Фатон Ф. (32), се откриени три девојки од Скопје, една од гостиварското село Чегране и две од соседна Албанија. Две девојки, по една од Албанија и Косово, биле затекнати во УО „Долар“ од Камењане, сопственост на Бујар Ф. (28).
СВР-Тетово поднесе пријави против странските државјанки за кршење на Законот за странци и најверојатно ќе бидат екстрадирани во земјите од каде што доаѓаат. Соодветна постапка се најавува и спрема македонските државјанки. Најавени се пријави и против сопствениците на угостителските објекти.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, акцијата ја вброи во редовна полициска работа, а засилените активности неделава се во рамките на Неделата за борба против ропството. На прашањето дека откако ќе бидат пуштени или „протерани“, истите девојки повторно се враќаат во истите локали каде што биле пронајдени, Јанкулоска рече дека „за МВР постапката со приведувањето и поднесувањето пријава е завршена, а натаму е прашање на судовите и обвинителствата“. „Сметам дека е неминовно потребна поголема активност на центрите за социјална работа и другите институции во ресоцијализацијата и изнаоѓањето друга работа за девојките“, рече Јанкулоска. (Г.Е.) |