Бучковски ја чека пресудата за тенковите во вторник
Судењето заврши, експремиерот не се чувствува виновен за набавка на деловите
Љубиша Станковиќ
„Не се чувствувам виновен. Со ништо не сум ја оштетил државата“, потенцираше вчера во својот завршен збор поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски, кој со уште четворица соработници е обвинет за набавка на резервни тенковски делови за време на кризата во 2001 година, со што, наводно, државата е оштетена за два милиона долари.
Со давање завршен збор и на тројцата бранители и на останатите четворица обвинети за резервните тенковски делови, вчера заврши судскиот процес што се води повеќе од една година. Судот најави дека ќе ја соопшти пресудата во вторник, 9 декември.
Поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски уште во стартот на завршниот збор ја постави дилемата дали како првообвинет треба да говори како поранешен министер и премиер или како политичар и правник? Според Бучковски, ова е случај кој ќе влезе во аналите на македонското правосудство, бидејќи тој требало да биде апсен на граничен премин, да му биде симнат пратеничкиот имунитет и да биде притворен. Бучковски смета дека е крајно непримерно поранешен началник на Генералштабот на АРМ да биде спроведуван во судот со лисици на рацете. Тој рече дека тие двајца, но и оние кои се бранеа во Хаг, беа дел од безбедносните сили на Македонија и потсети дека токму оние што стрелаа во државата сега не доаѓаат на судење, а тие јавно се дискредитираат.
„Не се чувствувам виновен. Со ништо не сум ја оштетил државава. Пријавата од јули минатата година за наводни финансиски малверзации е истата онаа што беше поднесена против мене во 2002 година кога Јавното обвинителство ја отфрли. Разликата е во тоа што сега се промени бројот на обвинети. Лага е дека постои штета, како што се обидува да докаже Јавното обвинителство, како што е лага и кажаното дека овде им се суди на криминалци. Со вакво тврдење само е повредено моето право и правото на сите други обвинети да тврдиме дека сме невини се' додека не се докаже спротивното. Но, од текот на постапката такво нешто не можеше да се докаже, бидејќи и не постои“, рече Владо Бучковски во својот завршен збор.
Говорејќи за себе, тој рече д��ка е битно што за него мислат во НАТО и во ЕУ и во Вашингтон, кои потврдуваат дека најголемите реформи во армијата се случиле во време кога тој бил на чело на МО. Тој рече дека секој обид за негова дискредитација му нанесува непотребен срам на неговото семејство.
Бучковски рече дека другите четворица обвинети се спроведени само поради тоа што од нив било побарано да проговорат за непостојни малверзации, а кога не се успеало во тоа, се вршел притисок не само врз генералот Стамболиски, туку и врз обвинетите Нелко Менкиновски, Митре Петковски и Ацо Ѓурчески.
Адвокатот Јован Трепеноски во завршен збор изјави дека уште со првото читање на обвинителниот акт, но и по сите одржани судски рочишта, не можел да разбере кои инкриминации ги презел неговиот штитеник, обвинетиот Нелко Менкиновски. Трпеноски рече дека тој само е обвинет и дека во судот бил донесен да ја докажува својата невиност. За него е чудно тоа што Менкиновски за Обвинителството е началник на сектор, а тој во исто време е вработен со договор на дело и тоа како советник на министерот со чие овластување смеел да потпишува набавки во висина од 5.000 германски марки, а тоа право му било одземено од Борис Змејковски. Трпеноски докажа дека во време кога бил потпишан договорот за набавка на тенковски делови, во Секторот за логистика воопшто немало началник. И за Трпеноски нема ништо спорно во набавката на деловите, во постапката со која тие биле набавени, притоа уште еднаш повторувајќи дека нема штета за државата.
Адвокатот Драган Георгиев кажа дека ниту еден друг договор не е спорен, туку токму оној на кој бил виден потписот на Владо Бучковски. Георгиев смета дека нема штета за државата, а кога нема штета, нема и кривично дело.
За адвокатот Стеван Павлевски измените што ги направи јавниот обвинител во завршен збор се недозволиви и забранети, бидејќи сега во сила е сосема поинакво обвинение од она за кое неговиот клиент се товареше и за кое подготвуваше одбрана. |