УЈП ја крие слабата наплата на даноците?
Неофицијално, даночните приходи продолжиле алармантно да паѓаат и во второто тримесечје
Александрија Стевковска
Управата за јавни приходи до вчера доцна попладне се' уште ги немаше објавено податоците за наплатени даночни приходи во вториот квартал од годинава, иако прво најавуваше дека ќе го направи тоа до 10 јули. Потоа беше кажано дека податоците ќе бидат објавени до 15 јули, а и вчера информацијата не беше ставена на страницата на Управата. Медиумите во неколку наврати безуспешно се обидуваа да добијат информација за вкупно остварените приходи од даноци и акцизи за април, мај и јуни. По реакциите на новинарите УЈП најави дека ќе ги обелодени податоците, но до затворање на весникот, тие не беа ставени на нивната веб страна.
Според неофицијални извори, даночните приходи, по падот од 10,2 отсто во првиот квартал од годината, продолжиле алармантно да паѓаат и во второто тримесечје и токму тоа е причината за одолжување на објавувањето на податоците за прибрани приходи во буџетот од даноци.
Слабиот прилив на пари во централниот буџет, вклучително и од даноците, беше главен виновник за апелот на ексминистерот за финансии, Трајко Славески, непосредно пред неговото разрешување, да се направи итен ребаланс на буџетот и тој да се скрати за најмалку 100 милиони евра, бидејќи само во последните два месеца од годината даночните приходи во државната каса биле покуси за 40 милиони евра. Од Министерството за финансии неофицијално потврдуваат дека стручните служби сериозно ја преиспитуваат потребата од нов ребаланс, што може да значи дека најверојатно скоро ќе има уште едно прекројување на државната каса, бидејќи приходите се се' помали, па ќе треба да се ревидираат и расходите.
Неофицијално, најголем пад е регистриран кај прих��дите од данок на добивка, бидејќи Владата во првиот пакет антикризни мерки во ноември лани реши да ги ослободи од оваа обврска фирмите што ќе ја реинвестираат добивката остварена минатата година. Продолжил и падот на приливи од ДДВ. Оваа давачка е најилустративен показател какви ќе бидат приватната и јавната потрошувачка, кои сочинуваат речиси 90 отсто од БДП.
Според УЈП, во првиот квартал годинава во државната каса се собрале вкупно 247,4 милиони евра или 15,2 милијарди денари помалку во однос на истиот период лани. Средствата прибрани од даноци и акцизи во првите три месеци од оваа година биле за 9,5 отсто помалку од проектираните. Најголемо намалување во првиот квартал годинава, според УЈП, има во делот на приходите од данок на добивка. Во првите три месеци годинава од данок на добивка државата собрала 32,56 милиони евра, што е за 29,3 отсто помалку од истиот период лани, кога во државната каса по истата основа се слеале 46 милиони евра. |