Косово ќе гради термоцентрала вредна 3,5 млрд. евра
„Заедно со нашите партнери ќе ја решиме енергетската криза во Косово, а нејзиниот потенцијал во сферата на енергијата ќе почнеме да го ставаме во функција на регионот“, изјави вчера косовскиот премиер Хашим Тачи, соопштувајќи ја одлуката за започнување на изградбата на термоцентралата „Косова е ре“ („Ново Косово“), кој се очекува да чини околу 3,5 милијарди евра.
Тачи изјави дека ова е историски проект, кој ќе претставува пресврт за економскиот развој на Косово.
„Ова е одлука за најголем историски проект што се случил на Косово и кој ќе го направи најважниот пресврт и за економскиот развој на земјата“, истакна тој. Првиот човек на косовската влада наведе дека новата термоцентрала ќе обезбедува задоволителна и издржлива енергија за домашна потрошувачка и за меѓународен извоз, како и дека таа ќе биде изградена според сите европски стандарди за заштита на средината.
„Вкупниот капацитет ќе биде 2.000 мегавати, додека изградбата ќе се одвива во две фази. Првата фаза од 1.000 мгв. ќе се изгради веднаш“, изјави Тачи.
Претставниците на Светска банка, ММФ и меѓународната цивилна канцеларија на ЕК, како и на УСАИД, оценија дека со изградбата на новата термоцентрала, освен стабилизацијата во снабдувањето со електрична енергија, Косово ќе бележи поголем и побрз економски развој.
Косовската влада одлучи да ја спроведе енергетската стратегија во три фази, кои се очекува да завршат најмалку до 2015, или најмногу до 2017 година.
Првата фаза ќе биде започнување на изградбата на новата термоцентрала „Косова е ре“, втората во санирањето на постојната термоцентрала „Косова Б“ и третата фаза ќе биде затворање на термоцентралата „Косова А“, позната како голем загадувач на средината.
Вредно е да се спомне и повлекувањето на германската компанија РВЕ, фаворит во трката за добивање на проектот за изградба на термоцентралата „��осова е ре“.
Со нејзиното повлекување во трка остануваат три конзорциуми, чешката „Чез“ и АЕС од САД, италијанската групација ЕНЕЛ и СЕНЦАП, како и компанијата ЕНБЊ. (Макфакс) |