Извештајот за хеликоптерската несреќа вратен на доработка
Причините за падот на "Ми-17" ќе се знаат за две недели кога Владата јавно ќе ги објави
Прелиминарниот извештај за хеликоптерската несреќа, која се случи во јануари кај катлановско Блаце, ќе треба да се дополни и доработи. Комисијата за испитување несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството има обврска за две недели комплетниот извештај повторно да го достави до Владата, која најави дека јавно ќе го објави и ќе го проследи до Јавното обвинителство.
Со ваков заклучок заврши завчерашната владина седница, која се одржа до доцните вечерни часови, а на која детално беше разгледуван прелиминарниот извештај за несреќата во која загинаа 11 мировници на АРМ. На седницата, извештајот изготвен од страна на членовите на Комисијата, им бил поделен на сите министри на разгледување.
Според владиното соопштение, тие оцениле дека извештајот и предложените заклучоци целосно ги опфаќаат директните и индиректните причини за настанатата несреќа.
"Со оглед на тоа дека во текот на дискусијата од страна на надлежната Комисија биле изнесени нови информации кои се однесуваат на одделни интерни документи и извештај од Министерството за одбрана, Владата побара од Комисијата во рок од две недели да се обезбедат соодветните документи и извештајот", се наведува во соопштението. Се очекува дополнетиот извештај да биде усвоен за две недели, по што се најавува дека ќе биде објавен на веб-страницата на Владата.
Хеликоптерот Ми-17 ВАМ-304 се урна на 12 јануари во брдото кај катлановско Блаце, при враќање од мисијата АЛТЕА во Босна. Во оваа несреќа животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски. (Д.Т.) |