Милошоски на конференција во Казахстан
Астана - Македонија, како мултиетничка демократија која последниве неколку години помина низ многу предизвици, може да биде одличен пример за тоа како, на национално ниво, се воспоставува и одржува дијалог меѓу припадници на различни култури и религии, рече министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, во вчерашното обраќање на конференцијата на западните и муслиманските земји "Заеднички свет: Прогрес низ различности" во Астана, Казахстан.
"Градење општество на еднакви можности за сите е нашата основна цел. Секој, без оглед на неговата национална или верска припадност, има можност да се вклучи во политичките, економските и другите општествени процеси", истакна Милошоски.
Токму различностите, додаде, треба да се искористат како инструмент за промовирање соживот, толеранција и разбирање. Според него, секоја држава е одговорна за креирање социјални политики што ќе базираат на дијалог и, пред се', на почитување на човековите права.
Милошоски имаше билатерална средба со министерот за надворешни работи на Казахстан, Марат Тажин, на која се разговараше за унапредување на соработката меѓу двете земји, особено на економски план. Македонија има план да отвори амбасада во Казахстан, најверојатно идната година.
На конференцијата во Астана учествуваат министри за надворешни работи и високи претставници на околу 30 земји. (МИА)
|