„Комунална“ продолжува со редовна работа
„Од денеска продолжуваме со вообичаената програмска шема за работа и не очекуваме редукции на активностите, бидејќи од ‘Макпетрол‘ не' уверија дека дефинитивно е надминат проблемот со снабдувањето на гориво. Освен тековните активности, денеска теренците дополнително ќе работат во делови од Аеродром и Ѓорче Петров, каде што најмногу се почувствува кризата.
Треба да се расчистат неколку микролокации кои останаа затрупани со смет во изминативе денови“, изјави вчера Златко Димовски, директор на ЈП „Комунална хигиена“, појаснувајќи дека е надмината кризата што настана поради недостигот од гориво за камионите за собирање и транспорт на сметот.
Димовски посочи дека претпријатието продолжува да работи со полн капацитет откако добило гаранции од „Макпетрол“ за дневно снабдување со дизел-гориво од 3,5 тони, колку што просечно троши целиот возен парк на „Комунална“. Откако се надмина кризата, комплетниот возен парк беше целосно активиран на терен, што значи дека во три смени работеа триесетина камиони и стотина работници. Проблем, дополни Димовски, нема ниту на депонијата „Дрисла“. (Дс.Т.)
|