ЈСП ќе ги добие парите за ученичките билети до крајот на идната недела
Цената што треба да ја плати Министерството за образование е утврдена на 1.560 денари за ученик
Преговорите околу висината на сумата за месечен билет за превоз што треба да го плаќа Министерството за образование за средношколците се причина за одложување на потпишувањето на договорот со ЈСП, информираат во МОН. Со оглед на тоа дека цената минатиот месец била утврдена на 1.560 денари за ученик, до крајот на следната недела превозниците ќе ги добијат парите за сите четири месеци, во висина од околу 30 милиони денари. Тоа се наменски средства кои се веќе обезбедени и се на сметката на Министерството. Оттаму велат дека во иднина исплатата ќе биде редовна, веројатно, месец за месец.
„Освен утврдувањето на цената за секој ученик, немаме други проблеми пред потпишувањето на договорот со ЈСП. Причина за задоцнувањето е и фактот што годинава прв пат се организира ваков вид бесплатен превоз за учениците“, вели Маја Корубин, портпарол на МОН.
Во ЈСП, пак, велат дека во изминативе месеци се преговарало за неколку работи, што, според нив, за да нема задоцнувања, требало да биде направено пред почетокот на учебната година. Освен за висината на сумата на билетот, со Министерството било договарано 75 проценти од парите да одат кај јавното сообраќајно претпријатие, а 25 проценти кај приватниците.
„Моментно, заради почитување на правната процедура, МОН распишало и јавен повик на кој е јасно кој може да се јави, бидејќи сите знаат кој е единствениот организатор на јавниот превоз во градот. Сепак, сето тоа одзема време“, вели директорот на ЈСП, Александар Бошковиќ. Тој информира дека лично министерот за образование, Перо Стојановски, дал гаранции дека сите постапки ќе завршат во најкраток рок, а кон крајот на следната недела парите ќе легнат на сметката на ЈСП. (С.Н.) |