Во Градскиот парк светилките светат и преку ден
Уличните светилки на улицата „Ленинова“ и во Градскиот парк светат и дење. Граѓаните се прашуваат дали е дозволиво во време на енергетска криза уличните светилки непотребно да трошат струја и преку ден. Градот и Општина Центар не упатиле никаква пријава за проблемот до ЕВН, па затоа оттаму велат дека тие не се повикани да го решаваат.
Ленче Карпузовска, портпаролка на ЕВН, вели дека на улицата „Ленинова“ постои рачна склопка преку која се исклучува уличното осветление, што значи дека надлежните од општината треба сами да го исклучат. Доколку, пак, станува збор за некаков дефект, тогаш треба да си ги повикаат фирмите ангажирани за одржување на уличното осветление.
Од Одделението за информирање во Градот објаснуваат дека во Градскиот парк светилките светеле од причина што се тоа диодни светилки кои реагираат на светлина. Според нив, светилките светеле и во текот на денот, бидејќи изминативе денови беше многу стушно. Од Градот објаснуваат дека ваков случај имале и на една градска улица, кога морале да ги исечат гранките на дрвјата од дрворедот за да овозможат пробив на дневна светлнина на која светилките реагираат и сами се гасат. (Сн.К.) |