Редици за инсулин во Тетово
Снабдувањето со инсулин проследено со долги редици и голем метеж
ТЕТОВО - „Трет ден доаѓам за инсулин, а никако да стигнам на ред. Станав од 6 часот. Ми рекоа дека до лекарот се доаѓа со бројче. И покрај тоа чекам веќе три часа“, вака ја раскажуваше својата приказна Фуад Сакипи кого го затековме во редицата пред амбулантата за дијабетес во тетовската Клиничка болница.
Тој како и сите други што чекаа во редицата нагласуваат дека немаат резерви од инсулин. „Наместо да го намалиме, ние го зголемуваме шеќерот. Не знаеме зошто последниве месеци се создава метеж“, коментираше пациент, кој не сакаше да му го споменеме името.
Драгица Ристовска веќе десетина години високиот шеќер го лекува со инсулин. „Не можам да стојам на нозе и затоа доаѓам со ќерка ми“, вели Ристовска. И Илјас Сулејмани со слична приказна, дека пред амбулантата се создава невидена мешаница, а давањето бројчиња е формалност, па секој се снаоѓа како знае. Сретен Костовски беше меѓу оние најупорните што чекаа за инсулин. „Веќе пет години сум на оваа терапија. Доаѓам од Јегуновце. Се случува да доаѓам по неколку дена, а да не завршам работа. Станува неиздржливо“, револтиран е Костовски.
Така беше и вчера, а така е секојдневно повеќе месеци. Иако директорот на болницата, д-р Атила Реџепи, вели дека има редовно снабдување со инсулин неподносливите турканици и чекања во редови не го ублажуваат проблемот.
„Најтешко е кога по чекање со денови лекарот дава само една или две дози. Болеста не' тера да бидеме нервозни, а овде уште повеќе ни се зголемува, а и шеќерот расте“, се на��оврзува на разговорот 70-годишен пациент.
Вистината за инсулинот, сепак, треба да се согледа од објективните бројки и состојби. Од околу 8.000 регистрирани болни од дијабетес, 3.150 од кои 30 се деца се на инсулинска терапија или просечно дневно со инсулин треба да се снабдуваат 140 до 150 пациенти. Во амбулантата се даваат 50 бројчиња дневно. Другите пациенти се се враќаат. Ова доволно зборува за неминовноста од преиспитување на организацијата на работа.
„Неколку месеци укажуваме на овој проблем. Неминовно е преиспитување на сегашното решение. За нас е најважно дијабетичарите навреме да добијат терапија. Државата со закон е задолжена редовно и бесплатно да ја обезбедува“, изјави Душко Игневски, претседател на Здружението на граѓани со дијабетес во Тетово. (Г.Е.) |