На фудбалските терени ставале глина наместо дренажа
Целосно се неупотребливи игралиштата во Штип, Радовиш, Пробиштип и во Чешиново
Иван Бојаџиски
ШТИП - На четири фудбалски игралишта во Штип, Радовиш, Чешиново и во Пробиштип, изградени од Агенцијата за млади и спорт, кои се покажаа како неупотребливи, ќе бидат направени корекции. Спортските терени се со иста мана затоа што изведувачот заборавил да направи дренажа, а наместо водопропустен хумус, послал глина, која не пропушта вода. Обилните дождови ги претвориле центрите за фудбал во отворени базени, а тревата на нив сосема се проретчи.
Од Агенцијата за млади и спорт велат дека тие го детектирале проблемот. На изведувачот на работите „Конструктор“ од Сплит, Хрватска, му наложиле во најкус можен рок да ја поправи грешката и игралиштата да ги доведе во функционална состојба.
„Владата донесе одлука за изградба на 50 фудбалски игралишта во државава. Шест терени се изградени, а другите се во фаза на изградба. Изведувачот не ја завршил добро работата на игралиштата во Штип, Радовиш, Пробиштип и во Чешиново. Во источниот дел на Македонија без проблеми функционираат само терените во Карбинци и во Василево. Имавме состанок со одговорните во ‘Конструктор‘ и тие ветија дека летово ќе ги поправат грешките. Оваа сплитска фирма ја доби работата на тендер, бидејќи имаше најдобра понуда, а според договорот, игралиштата треба да бидат завршени до крајот на септември годинава“, вели Диме Спасов, директор на Агенцијата за млади и спорт.
Спасов упатува и на одговорност на општините каде што се терените за спортување. Имено локалните самоуправи презеле обврска да ги уредат системите за довод и одвод на вода. Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип, изјави дека кај нив веќе се започнало со преуредување на теренот.
„Работите почнаа пред некој ден и очекуваме да бидат завршени во еден разумен рок. Точно е дека добивме фудбалски терен со грешки. Но, реагиравме и за проблемот го информиравме министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и директорот на Агенцијата за млади и спорт. ‘Конструктор‘ е на терен. Очекуваме од оваа есен младите да играат фудбал на новото игралиште“, вели Тоневски. Фудбалскиот терен во рударскиот град е изграден на старото јаловиште што практично значи и реализација на идејата за култивирање на простор, која зафаќа површина од над 60 хектари.
Игралиштето во Радовиш во октомври минатата година го предаде во употреба премиерот Никола Груевски, но веднаш се покажа дека таму е невозможно да се игра фудбал. Новото игралиште е правено на теренот на постојниот стадион. Локалниот клуб ‘Плачковица‘, кој игра во трета лига, од минатата есен се натпреварува во приградската населба Раклиш. „Пред две недели изведувачот работи на поправање на грешката. Сосема сме сигурни дека Радовиш наскоро ќе има убав терен за фудбалската игра“, изјави градоначалникот, Роберт Велков.
Во Штип, на игралиштето лоцирано на Суитлакот моментално работат екипи на ЈП „Исар“ и на „Штип проект“. Општината, всушност, го реализира својот дел од задачата, да обезбеди водоводна и канализациона мрежа. Градоначалникот Зоран Алексов изјави дека до завршување на зафатот таму нема да се игра фудбал. „Со сите надлежни во државава се договоривме изведувачот да ги поправи грешките. Општината го работи својот дел од задачата. Сигурен сум дека во еден оптимален рок ќе имаме нов терен на кој младите ќе спортуваат“, вели Алексов.
Според нашите информации, вредноста на едно вакво фудбалско игралиште е околу 200.000 евра. |