„Викиликс“ не ја стресе Македонија
Амбасадата на САД се оградува дека документите се самостојни и не ја покажуваат политиката на Вашингтон
Скандалот што го тресеше вчера цел свет делумно ја стави во фокусот и Македонија. Од дипломатските забелешки што ги објави „Викиликс“, само во две, и тоа индиректно, е засегната нашата држава - околу аферата Калед ел Масри и преку разговорите на американскиот помошник државен секретар, Филип Гордон, за спорот со името во Париз.
Од забелешките јасно произлегува дека американски дипломат вршел притисок на официјален Берлин да не поведува меѓународна судска потерница за Масри, укажувајќи дека тоа ќе има негативен ефект на односите на Германија со САД. „Нашата намера не е да и' се закануваме на Германија, туку да побараме од германската влада да го одмери внимателно секој чекор во однос на импликациите во односите со САД“, му порачал американскиот дипломат на германскиот заменик-советник за национална безбедност и покрај оградата дека знаат дека судството е независно. Германскиот функционер укажал дека е огромен притисокот од Бундестагот и од медиумите и дека нема да биде лесно да се игнорира случајот, но дека канцеларката ќе се обиде „да биде конструктивна колку што е можно повеќе“.
Попуштањето од двете страни, како македонската, така и грчката, би можело да помогне да се надмине застојот во спорот околу името на Македонија, бил заклучокот од средбата на Филип Гордон со францускиот функционер Жан Давид Левит. Двајцата функционери се надевале дека новата влада на Грција ќе биде пофлексибилна од претходната, затоа што имала поголемо мнозинство во парламентот. Според Гордон, ако меѓународната заедница успее да ја убеди Македонија да се откаже од идејата за организирање референдум, а Грција да не инсистира на промена на (македонските) пасоши, тогаш би можело да се обезбеди напредок во спорот на двете земји околу името. Со временска дистанца од над една година, оваа белешка изгуби од атрактивноста, бидејќи од лани досега се истопија сите надежи дека смената на власта во Грција ќе донесе динамика во преговорите за името со Македонија.
Од американската амбасада вчера не сакаа да ги коментираат фајловите на „Викиликс“, а уште помалку најавите од лидерот на ДПА, Мендух Тачи, дека наредните денови ќе бидат објавени посензитивни досиеја за улогата на ДУИ во 2001 година. „Политика на Стејт департментот е да не коментира документи кои се наводно неовластено објавени. Објавувањето доверливи информации од страна на ’Викиликс‘ е неодговорен обид да се создаде хаос и да се дестабилизира глобалната безбедност. Ова потенцијално загрозува дури и животи. Ние го осудуваме тоа“, изјавија вчера од амбасадата.
Тие одбија да ја потврдат и автентичноста на објавените документи, но нагласија дека забелешките на Стејт департментот ги рефлектираат секојдневните анализи и отворени процени што ги прави секоја влада, како дел од ефикасни надворешни односи. „Тие забелешки честопати се прелиминарни и нецелосни во однос на развојот и искажувањето на надворешната политика на САД. Тие не треба да се сметаат за самостојни документи или документи што ја претставуваат политиката на САД“, изјавија од амбасадата на САД. (С.Ј.) |