Рампа за имигрантите во САД
ВАШИНГТОН - Републиканците во САД ги уништија напорите на стотици илјадници млади илегални имигранти да дојдат до легален статус ако тие се запишале на колеџ или и' се приклучиле на армијата. На спонзорите на Дрим акт им недостасуваа пет гласа од потребните 60 за да го донесат законот, пред републиканците да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом и демократите да останат со тесно мнозинство во Сенатот.
„Ова е мрачен ден во Америка“, рече портпаролот на Коалицијата за хумани имигрантски права. „Сенатот ги фрли под автобус животите и напорната работа на илјадници студенти што ја сакаат оваа земја како свој дом и, всушност, тие немаат друг дом“.
Станува збор за лица доведени во САД како деца, кои во многу случаи се сметаат себе си за Американци, зборуваат англиски и немаат врски со семејството кое живее во нивната матична татковина. „Тие стојат во училниците и се заколнуваат на верност пред нашето знаме“, вели сенаторот Дик Дурбин, демократ од Илиноис, главен спонзор на законот. „Ова е единствената земја за која знаат. Се' што бараат е шанса да и' служат на оваа држава“.
Критичарите го нарекоа законот таен грант на амнестија што ќе охрабри многу странци нелегално да влезат во САД. „Третирајќи ги симптомите на проблемот може да направи да се чувствуваме подобро... Но, може да овозможи главниот проблем да метастазира“, изјави сенаторот Џон Кил. (АП) |