Рускиот криминален октопод стига до Кремљ?
Евроазиската мафија ги има најдобрите адвокати и адвокатски компании во Шпанија
Врските на организираниот криминал се длабоки во Москва. Протечените телеграми од американските амбасади покажаа дека дипломатите на САД се загрижени од растечката моќ на рускиот организиран криминал и веруваат дека тој има врски со највисоките нивоа на власта во Москва.
Во тајните извештаи има описи како во мала банана-република. Градоначалникот на главниот град, наводно, имал „врски со криминалниот свет“, неколку негови пријатели, вклучувајќи и членови на парламентот, се оценуваат како нешто повеќе од „бандити“, а официјални претставници на градот, наводно, „барале мито од бизнисмени што имале намера да работат во него“. Градоначалникот, тврдат американските дипломати, „го надгледува системот во кој изгледа дека речиси секој на секое ниво е инволвиран во некоја форма на корупција или криминално однесување“.
Рускиот претседател Дмитриј Медведев го разреши градоначалникот на Москва, Јуриј Лушков, кон крајот на септември, бидејќи тој повеќе не ја уживал довербата на вл��дата. И покрај тоа, меморандумите документирани од американските дипломати покажуваат дека мафијата изгледа длабоко е вкоренета во руското општество и има врски со власта. Американските дипломати веруваат дека некои криминалци го имаат благословот од луѓето во Кремљ и безбедносните служби.
За време на летото и есента во 2008 година, шпанските иследници спроведоа рации и уапсија неколку осомничени членови на руската мафија. Тие изведоа рација во апартманот во Мајорка на Русинот Владислав Резник и издадоа налог за апсење. Меѓу другите криминални дела, Шпанците го осомничеа дека е инволвиран во перење пари, обвинение што го негира Резник. Сепак, налогот за апсење има мало значење, бидејќи човекот живее во Москва и нема причина да стравува дека руските власти ќе го екстрадираат. Тој е претседавач на комитетот за финансиски пазари во руската Дума. Премиерот Владимир Путин му се обраќа користејќи го терминот „Слава“. Рускиот премиер му овозможи на мултимилионерот да дојде до извршниот борд на неговата партија Обединета Русија и да стане заменик-претседател на партиската група во Думата.
„Јавните декларации од високи шпански официјални лица“ во средината на 2008 година дека спровеле успешна истрага и ја „обезглавиле“ руската мафија во Шпанија беа нешто повеќе од „оптимистички изјави направени во момент на еуфорија што не ја рефлектира тековната реалност“, пишува во извештајот на амбасадата од октомври 2009 година.
Обвинителот на шпанскиот национален суд одговорен за справување со корупцијата и организираниот криминал ги сподели своите ставови со американскиот амбасадор откако потроши неколку години истражувајќи ја руската мафија, а неговите заклучоци беа запрепастувачки. Иследникот се пожали дека е доволно лошо тоа што „евроазиската мафија“ ги има „најдобрите адвокати и адвокатски компании“ во Шпанија. Уште полошо, се жали тој, е тоа колку длабоко се заплеткани властите на Русија, Белорусија и Чеченија во организираниот криминал. Тие се ’вистински мафијашки држави’“, пишува во телеграмите. И Украина е на пат да стане таква, се додава.
„За секоја од овие земји“, тврди обвинителот, „не може да се направи разлика меѓу активностите на власта и организираниот криминал“. Тој верува оти руската домашна разузнавачка агенција, едно време предводена од Путин, ФСБ, ги „апсорбира“ главните мафијашки криминалци.
„Руската мафија“, се жали Шпанецот, веќе има „огромна контрола“ врз „одредени стратегиски сектори на глобалната економија“, како што е производството на алуминиум. Фактот дека мафијашките кланови се моќни и во руските провинции, исто така, е посочен во извештаите на американскиот конзулат во Владивосток. Пристанишниот град на Пацифичкиот Океан, според наведеното во телеграмите, е Ел Дорадо за измамници.
„Риболовот е најкриминализираната индустрија во рускиот Далечен Исток“, пишува во еден извештај. Во областа, која ги дели границите и со Кина и со Северна Кореја, дипломатите најчесто забележуваат дека се одвиваат најголем број илегални сечи на шуми со „најголеми илегални операции за сечење во Русија“, честопати благодарение на „корупцијата и соучеството од страна на властите“.
Дури 6.600 километри позападно, Русија се' уште е далеку од тоа да стане земја каде што се почитува владеењето на законот, судејќи по настаните во Чеченија, која е нејзин составен дел. Стилот на раководење на претседателот Рамзан Кадиров се темели на „организација на корупција“, тврдат Американците.
Американските дипломати се сомневаат дека Кадиров има „енергија да ги елиминира потенцијалните ривали“ и дека ги користи методите на мафијата да го направи тоа. Ова му овозможи да стане „најсилната личност на Кавказот“. Кадиров, исто така, ја има поддршката од Кремљ.
Повеќето од лицата кои со недоверба се посматраат од страна на американските дипломати одржуваат најдобри можни контакти со Израел. Еден поранешен лидер на руска еврејска заедница вели дека руските власти се надеваат да ги искористат Евреите што емигрирале во Израел како „мост меѓу нивната татковина и земјите што ги прифатиле“. Можеби тие можат да обезбедат можности за инвестиции и „да и' дадат на Русија пристап до израелската технологија“. Процените обезбедени од извори обработени од Американците во Израел индицираат дека во краток временски период руски групи на организиран криминал во земјата „испрале околу 10 милијарди американски долари низ израелски холдинзи“. (Гардијан) |