На удар и парите на „Викиликс“
ЕЛИНГАМ - Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, изјави дека веб-страницата ќе остане силена и покрај ударот врз неговите финансии и објавувањето на нови детали од обвиненијата за сексуална злоупотреба против него. Австралиецот го почна третиот ден во „домашен притвор“ во домот на својот пријател додека се бори против екстрадицијата во Шведска, ветувајќи дека неговиот веб-сајт ќе продолжи да објавува уште тајни американски дипломатски документи. Во саботата, Банката на Америка, најголемата американска банка, ги сопре финансиските трансакции за „Викиликс“, по „Мастеркард“, „Пејпал“, „Виза Европа“ и други.
Банката соопшти: „Одлуката се темели на нашето одговорно верување дека ’Викиликс‘ можеби е ангажиран во активности кои, меѓу другото, се недоследни со нашите интерни политики за процесуирање на исплатите“. „Тоа е нов тип бизнис, мекартизам во САД, да се лиши оваа организација од финансиски средства што и' се потребни за да преживее. Лично да ме лишат од финансиски средства што им се потребни на моите адвокати за да ме заштитат од екстрадиција во САД или во Шведска“, изјави Асанж за АФП.
Асанж престојува во Елингам Хол, луксузен апартман во источна Англија на пријателот-новинар Воган Смит, како дел од условите за кауцијата, што му беше овозможена во четвртокот од Врховниот суд во Лондон. Тој, исто така, мора секојдневно да се пријавува во најблиската полициска станица и да носи електронски приврзок. (АФП)
|