ВЕСТИ ОД СП
ФИФА ги призна проблемите со Јабулани
По бројните критики што учесниците на Светското првенство во Јужна Африка ги упатија кон „Јабулани“, топката со која се играат натпреварите во Јужна Африка, во Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) признаваат дека нешто не е во ред со производот на германската компанија „Адидас“ и дека со проблемот ќе се позанимаваат по завршување на мундијалот.
Многу фудбалери за „Јабулани“ рекоа дека е „топка од супермаркет“ нагласувајќи ја нејзината непредвидлива линија на движење, а како недостаток е наведена и нејзината мала тежина поради која пребрзо лета во воздух.
„Не сме глуви, ФИФА нема да остане без реакции на се што е речено во врска со топката“, изјави генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке, и додаде дека за сите недостатоци на „Јабулани“ ќе се расправа со тренерите, играчите и производителот „Адидас“.
„Постојат правила за големината и тежината меѓутоа топката мора да биде совршена“, кажа Валке.
На последните неколку светски шампионати голманите се жалеа на новите топки, но овојпат во критиките се придружија и фудбалерите и тренерите. Бразилскиот селектор, Дунга, пред почетокот на СП 2010 влезе во вербална расправија со Валке и јавно го повика да дојде на тревник и да се обиде да ја контролира „Јабулани“.
Еден од најдобрите светски голмани, Џанлуиџи Буфон, рече:
„Не гледам зошто едноставно не се вратиме на старите буба-мари со кои сите си игравме како деца“.
Данскиот дефанзивец, Даниел Агер, пак, смета дека токму лошата топка е причината поради која некои фудбалери на ова СП изгледаа како „пијани морнари“.
Познатиот германски производител на спортска опрема „Адидас“ е официјален снабдувач на топки за Светските фудбалски првенства од 1970 година. Актуелниот договор меѓу „Адидас“ и ФИФА истекува во 2014 година, а германската компанија, во меѓувреме, цврсто застана во одбрана на својот производ изразувајќи чудење за големиот број поплаки за „Јабулани“.
Роналдо: Сонував дека сме светски шампиони
Португалската фудбалска звезда, Кристијано Роналдо, изјави дека по натпреварот со Бразил сонувал како го подигнува пехарот наменет за светскиот првак.
Напаѓачот на Португалија и на Реал Мадрид својот голгетерски пост во националниот дрес го прекина во победата над Северна Кореја. Шанси да се запише во листата на стрелци имаше и во дуелот со Бразил, но немаше среќа. Меѓутоа сега му се остварија најубавите соништа.
„По мечот со Бразил сонував дека сме победиле во финалето и дека го дигнав пехарот за светскиот првак“, рече Роналдо по што се осврна и на критиките дека Португалија баш и не брилијира на ова СП.
„Не е важно кој постигнува голови, единствено што е важно е да играме добро и да напредуваме од фаза во фаза. Важен е ефектот, а засега не сме застраниле од патот“.
Потоа застана и во одбрана на Вејн Руни.
„Вејн е мој добар пријател и точно знам како се чувствува. Кога не му оди на тимот секогаш се виновни најдобрите фудбалери. Но, зарем не гледате дека игра самво нападот? - Никој не му помага, мора да се бори како лав“, образложи Роналдо.
Секоја чест за играчите,452 допинг-теста негативни
„На Светското фудбалско првенство во Јужна Африка се направени 452 допинг теста и сите наоди се негативни“, со задоволство објави Меѓународната фудбалска асоцијација.
Шефот на антидопинг тимот, Јири Дворак, потврди дека 256 фудбалери беа тестирани по натпреварите, а 196 пред почетокот на шампионатот. Последниот допинг случај во натпреварите под капата на ФИФА беше во 2003 година. |