Надал виде зорт и против Печнер
Рафаел Надал го истури својот бес по ретката опомена за советување со тренерот во саботата пред да положи уште еден тест во пет сета на Вимблдон. Не остана многу од леденото држење на Шпанецот, колку поради силните удари и честите излегувања на мрежа на Филип Печнер, ттолку и поради крајно невообичаениот гест на судијата на стол Седрик Мурие во тензичниот меч од третото коло. Светскиот рекет број еден му се закани со прстот на Мурие, кој при 2-2 во решавачкиот сет го предупреди за сигналите што си ги испраќаа со тренерот Тони Надал во дуелот на Централниот терен, за подоцна Надал да навести дека ќе поразговара за правилото со супервизорот на турнирот.
Но, шампионот од 2008 година, кој неколку пати бараше лекарска интервенција за болките во своето десно колено, ја зачува концентрацијата и го совлада Германецот со 6-4, 4-6, 6-7, 6-2, 6-3 по три часа и 45 минути игра.
„Сервисот му беше неверојатен во текот на целиот меч, но јас ја сменив стратегијата во четвртиот сет и на крајот одиграв добро“, изјави 24-годишниот втор носител, кој во денешниот дуел за четврт-финалето за противник ќе го има Французинот Пол-Анри Матје.
Прашан подоцна дали е фер што беше опоменат, Надал одговори: „Понекогаш да, но, по мое мислење, не и денеска. Во минатото Тони можеби премногу зборувал, но денеска не беше таков случај“.
Резултати од третото коло, мажи: Квери (18., САД) - Малисе (Белгија) 6-7 (4), 6-4, 6-2, 5-7, 9-7; Мари (4., В. Британија) - Симон (26., Франција) 6-1, 6-4, 6-4; Цонга (10., Франција) - Камке (Германија) 6-1, 6-4, 7-6 (1); Бенето (32., Франција) - Фоњини (Италија) 6-4, 6-1, 4-6, 6-3; Матје (Франција) - Де Бакер (Холандија) 7-6 (5), 7-6 (6), 6-7 (8), 6-4; Ферер (9., Шпанија) - Шарди (Франција) 7-5, 6-3, 4-6, 3-6, 7-5; Содерлинг (6., Шведска) - Белучи (25., Бразил) 6-4, 6-2, 7-5.
Жени, трето коло: Шарапова (16., Русија) - Захлавова-Штричова (Чешка) 7-5, 6-3; Закопалова (Чешка) - Пенета (10., Италија) 6-2, 6-3; Вознијачки (3., Данска) - Пављученкова (29., Русија) 7-5, 6-4; Ли (9., Кина) - Родионова (Австралија) 6-1, 6-3; С. Вилијамс (1., САД) - Чибулкова (Словачка) 6-0, 7-5; Радванска (7., Полска) - Ерани (32., Италија) 6-3, 6-1; Квитова (Чешка) - Азаренка (14., Белорусија) 7-5, 6-0. |