Четирикратното убиство во Копаница пред Врховен суд
Љубиша Станковиќ
Доживотните затворски пресуди за четирикратното убиство на членови на фамилијата Јусуфи од скопското село Копаница вчера стигнаа и пред највисоката судска инстанца. Петчлен Судски совет на Врховниот суд одржа Јавна седница за трагичниот настан што се случи пред повеќе од три години. За убиствата на четворицата роднини на доживотен затвор беа осудени Сабри и неговиот татко Митат Шерифи, а постариот брат Фатмир Шерифи доби затворска казна од 10 години. Првостепената пресуда на скопскиот Кривичен суд беше изречена на 19 март минатата година, а потоа казните беа потврдени и од Апелација.
Бранителот на тројцата осудени, адвокатот Саво Коцарев, укажа дека судот требало да обрне внимание на дел од исказите на некои од сведоците, пред се', на сведок што бил заштитен во почетокот на постапката. Адвокатот Коцарев кажа дека сведокот во изјава дадена пред нотар, го повлекол исказот што го дал и рекол дека воопшто не сака да сведочи. Коцарев потсети дека во овој случај провејува и името на Бесим Шерифи, син и брат на сега осудените, но дека тој и покрај неговата недостапност за органите на прогонот, повеќе не фигурира во обвинението.
Трагичниот настан за кој тројцата членови на семејството Шерифи се осудени на високи затворски казни се случи на 5 октомври 2007 година. Приказната започнала кога девојка од семејството Јусуфи заминала како бегалка во семејството Шерифи. Нетрпеливоста меѓу двете семејства кулминирала со престрелка кај селските гробишта кога двајца од браќата Шерифи го пресретнале и го убиле Зија Јусуфи(32). Во нападот на домот на семејство Јашари се приклучиле и таткото Митат и уште еден од неговите синови, при што биле убиени уште тројца. |