Ревија на родољубиви песни
„Лешочки фолк-фест“ и годинава традиционално ги собра најпознатите фолк пејачи
Премиерно изведени песни, главно, родољубиви, но и со печалбарска и друга содржина, доминираа и на годинешното издание на „Лешочкиот фолк-фест“, што се одржа традиционално во манастирскиот комплекс во Лешок и траеше се' до полноќните часови спроти неделата. На летната сцена се појавија 20 интерпретатори од македонската естрада и млади кои допрва ќе ги заземат местата на своите постари колеги. Ги забележуваме имињата на Блага Петреска, Гоце Арнаудов, Сузана Спасовска, Војо Стојановски, Тања Јовановска, на групите „Елегија“ и „Виртуоз“, тетовците Ибуш Ибраимовски и Микле Симоски и други. Овој фестивал не ја менува утврдената содржина и не го ме менува стилот. Продолжува и традицијата фестивалот да има само ревијален, а не и натпреварувачки карактер. Се одржува на отворена сцена, а овој пат настапот на пејачите го следеа околу осум илјади посетители и на фестивалот и на другите збиднувања по повод големиот христијански празник Успение на пресвета Богородица.
Сузана Спасовска и овој пат собра големи аплаузи во интерпретирањето на песната „Една е, една е Македонија“, настапувајќи заедно со виолинистот Зоран Џорлев. На фестивалот, Спасовска има и должност заменик-директор. Во ова својство рече: „Овој фестивал ја негува убавата македонска музика. Ова е музичка манифестација која собира уметници што ја сакаат и почитуваат македонската песна, кои имаат вистинско македонско грло, што е основа за настап на оваа сцена. Навистина сум многу задоволна, посебно од изборот на песните. Годинава немаше ниту една турбопесна, ниту песни со туѓи напливи во музиката, како што се забележува во последно време пробив на други напливи. Сметам дека овде во Лешок уште еднаш се потврди високото ниво на македонската етномузика“.
„Лешочкиот фолк-фест“ се одржа под покровителство на Министерството за култура, а за отворен го прогласи владиката г. Кирил, митрополит на Полошко-кумановската епархија. (Г.Е.) |