Македонска поетска антологија ќе се печати во Ерменија
По вториот ден од отворањето на 23. Меѓународен саем на книгата во Москва, на кој македонското издаваштво е претставено на посебен штанд, со комплексна изложбено-аудиовизуелна презентација на македонската актуелна издавачка продукција и на книжевното и културното наследство веќе нагласено е големото интересирање на московската читателска и стручна јавност посебно за изданијата од ракописното и културното наследство на Македонија и интересот на странските издавачи за објавување на македонската литература на други јазици.
Претставници на научни установи, институти и библиотеки од Москва, организирано го посетуваат македонскиот штанд и со посебно внимание ја проследуваат презентацијата на видео-сторијата за патот на кирилицата од Македонија до Монголија. Истовремено посетителите најмногу ги разгледуваат експонатитите со културното и духовно наследство на Македонија.
Ерменскиот сојуз на писателите, преку својата издавачка дејност која во Москва ја презентира нејзиниот секретар Едвард Милитонјан прифати да се објави и преведе Антологијата на современата македонска поезија „Зборови крај вода“, составена од рускиот поет Максим Замшев и од македонскиот поет и литературен критичар Санде Стојчевски и преведена на руски јазик од Олга Панкина а за возврат македонските издавачи „Макавеј“ и „Македонска реч“, кои се организатори на македонското саемско презентирање ќе објават Антологија на современата ерменска поезија на македонски јазик.
Утре напладне, на 23 саем на книгата во Москва, кој поминува во знакот на огромна читателска посетеност, на македонскиот штанд, ќе биде промовирана Антологијата на македонската поезија на руски јазик која специјално за ова саемско претставување во копродукција ја објавија скопски Макавеј и московската издавачка куќа „У никитских ворот“. На промоцијата се очекува да говори и министерката за култура на Република Македонија, м-р Елизабета Канческа – Милевска и претседателот на московската организација на Сојузот на руските писатели, писателот Владимир Бојаринов. (Н.П.) |