Септемвриска изложба на учесниците на „Мал битолски Монмартр“
Во културниот центар „Магаза“ во Битола утре со почеток во 20 часот ќе биде отворена традиционалната септемвриска изложба на учесниците на „Мал Битолски Монмартр“. Станува збор за дела на младите ликовни амбасадори во светот-учесници на годинашната манифестација.
Годинава над 50 дела од годинашниот „Мал битолски Монмартр“ беа поставени на Битолската калдрма во Хонг Конг. Организаторот направи несекојдневна театарска декорација за да им ја долови на сограѓаните егзотичната Македонија. Посетителите на изложбата чекореа по битолската калдрма, го видоа Широк сокак, Саат-кулата, Магнолија, се одмораа на битолските клупи, го видоа Плаошник, Св. Софија, како и специјално импровизираните куќички со битолски ќерамиди, каде беа поставени делата од Монмартр.
„Голем впечаток остави, велат учесниците, еден од најголемите ликовни часови одржан во Хонг Конг, на кој учествуваа околу 200 млади ликовни творци. Тие се натпреваруваа сликајќи ја Македонската архитектура, на кои пред отпочнувањето на хепенингот им беа доделени разгледници од Битола, Охрид и Крушево. Најдобрите десет беа наградени, а победникот ќе биде учесник-гостин на јубилејниот 30. „Мал битолски Монмартр“. (Н.П.) |