„Кралот умира“ ќе го отвори МОТ
Најновото 35. издание на фестивалот ќе се одржи од 18 до 26 септември, под мотото „Осмели се да сонуваш“
Под мотото „Осмели се да сонуваш“, од 18 до 26 овој месец ќе се одржи јубилејното 35. издание на Меѓународниот фестивал „Млад отворен театар“ - МОТ. Фестивалот ќе биде отворен со премиера на претставата „Кралот умира“.
Станува збор за копродукциска претстава со минатогодишниот победник на МОТ, Силвио Пуркарете. Носител на проектот е францускиот театар чиј директор е Пуркарете, а стратешки партнери се: „Еџ Понто“ од Љубљана, „Драма“ од Љубљана и „Театар“ од Луксембург. Претставата ќе биде прикажана во Младински културен центар.
„Мотото на фестивалот има голема симболика и повеќезначност која му доликува на МОТ“, истакна на вчерашната средба со новинарите директорот на МКЦ, Златко Стевковски.
Селекторот на Млад отворен театар, Дејан Пројкоски информираше дека слоганот „Осмели се да сонуваш“ поттикнува повеќе прашања, односно дали сонувањето значи храброст, дрскост или залудно изгубено време. „Годинешниот МОТ се спротивставува на ��рифаќањето на секојдневието и на реалноста“, рече Пројкоски и додаде дека МОТ е фестивал кој секоја година се обидува да промовира вистински вредности.
На 19-ти овој месец во МКЦ ќе биде прикажана претставата „Либидо Сциенти“ во режија на Паскал Рамберт. Дел од фестивалската програма се и претставите „Салома“ на Истарско народно казалиште, во режија на Дамир Златар Фреј, „Сон на летната ноќ“ на литванскиот режисер Оскар Коршуновац, „Мансарда во Париз со поглед на смрт“ на „КултурФабрик“ од Луксембург. Ќе бидат прикажани и „Уметноста на метење ѓубре под килим“ во режија на Десислава Шпатова, „Мост на крвта“ во режија на Марко Булц и Дамир Авдиќ, „Бело како јасмин“ во режија на Еугенио Барба во која игра Ибен Нагел Расмусен, „Мало, малечко“ исто така во режија на Барба. Ќе бидат прикажани и претставите „Проклет да биде предавникот на својата земја“ и „Љубов моја“.
Од македонските претстави на 35. издание на МОТ ќе можат да се погледнат „Кавкаски круг со креда“ во режија на Мартин Кочовски, „Госпоѓица Јулија“ на Турскиот театар од Скопје, „Жената како воено поле“ на Драмскиот театар од Скопје, „Разговор со Спиноза“ во режија на Зоја Бузалковска, мултимедијалната театарска претстава „3327 (Деветте книги на Никола Тесла)“ во режија на Златко Славенски, „Лили“ во режија на Софија Ристевска и „Тупаница полна со љубов“. Селектор на македонскиот дел од претставите е Дејан Илиќ.
За 35. издание на фестивалот годинава се обезбедени 900 илјади денари од Град Скопје и 3,5 милиони денари од Министерството за култура. И годинава во рамките на фестивалот се предвидени повеќе работилници. (К.Р.) |