Единците се посреќни од децата со браќа и сестри
Кон��уренцијата за вниманието на родителите и иритацијата околу потребата за делење на личните предмети се дел од причините за незадоволство кај оние што имаат браќа и сестри
Кој би помислил дека децата - единци се посреќни од оние што имаат браќа и сестри. Тие честопати се доживуваат како непријатни и осамени, деца што многу бараат, но последните студии покажуваат дека единците се посреќни отколку оние што се принудени да се борат за вниманието на родителите со своите браќа и сестри. Според истражувачите, една од причините зошто децата - единци изгледаат посамоуверено и позадоволно е тоа што тие не треба да се справуваат со „заплашувањето на браќата и сестрите“, каде што речиси третина од младите велат дека редовно се удирани или туркани од братот или сестрата. Голем број деца со браќа или сестри, исто така, се жалат дека им се украдени нивните лични предмети и се нарекувани со погрдни имиња од своите најблиски.
Бројките што произлегуваат од една од најобемните студии на семејниот живот спроведени во Британија, „Разбирање на општеството“, ги следи животите на 100.000 луѓе во 40.000 домаќинства. Претходното истражување покажа дека да се биде единец може да попречи во друштвените вештини, додека, пак, оние што го уживаат целокупното внимание на родителите честопати се сметаат како посебични од другите деца.
Студија на Државниот универзитет во Охајо во 2004 година покажа дека децата - единци имаат тешкотии да стекнат другарчиња при запишување во градинка, во споредба со оние што имаат барем еден брат или сестра. Но, Гунди Нис од Институтот за социјално и економско истражување при Универзитетот во Есекс, кој ги анализираше податоците од „Разбирање на општеството“, изјави дека заклучоците укажуваат на тоа дека колку помалку децата имаат браќа или сестри, толку се посреќни. Истражувањето, исто така, покажа дека децата од етничките малцинства се посреќни отколку нивните бели британски другарчиња.
Нис вели дека конкуренцијата за вниманието на родителите и иритацијата околу потребата за делење на личните предмети, како што се играчки и слатки, со браќата и сестрите, можеби е една од причините за поголема несреќа меѓу оние што имаат брат или сестра. Заплашувањето на браќата и сестрите, исто така, е редовна појава во многу семејства, каде што 30 проценти од тинејџерите тврдат дека се предмет на вербална злоупотреба од нивниот брат или сестра, додека речиси секој петти вели дека имал лични предмети што му биле одземени од нивна страна.
Професорот Дитер Волке од Универзитетот во Варвик, кој спроведе истражување за ривалствата и заплашувањата кај браќата и сестрите, вели: „Повеќе од половината од сите браќа и сестри (54%) се инволвирани во заплашување во една или друга форма. Меѓутоа, тој, исто така, заклучува дека браќата и сестрите не само што меѓусебно се борат туку тие си даваат и поддршка, нешто што го немаат децата - единици“. Истражувачот тврди дека е голема веројатноста оти тензиите меѓу браќата и сестрите ќе имаат влијанија врз родителите, велејќи: „Од извештаите се забележува дека браќата и сестрите што се расправаат го зголемуваат стресот на родителите и некои, едноставно, се откажуваат од интервенирање или недоследно се вмешуваат, оставајќи му простор на братот или сестрата - насилник“.
Мишел Елиот, директор на „Кидскејп“, кој се справува со заплашувањето, вели дека некои деца, едноставно, не се согласуваат со нивните браќа или сестри што може да доведе до конфликт. Таа вели: „Не можете да ги изберете братот или сестрата, и во некои случаи децата едноставно не се согласуваат, што може да доведе еден или двајцата да бидат несреќни. Има многу митови во врска со децата единци, но според нашето искуство, тие понекогаш се осамени и повеќе од другите согледуваат дека мора да бидат сами. Од доказите се гледа дека браќата и сестрите играат повитална улога кога се постари, и родителите не се покрај нив за да можат да се потпрат на нив. Тогаш тие можат да дадат поддршка“.
Актерката Натали Портман смета дека детството без браќа или сестри и' помогнало во нејзината кариера. Таа вели: „Никогаш не ќе бев актерка ако не бев единствено дете, бидејќи моите родители никогаш немаше да ми дозволат да бидам ѕвездата на семејството на сметка на другото дете“. Меѓутоа, колешката Лорин Бекон не беше воодушевена од своето воспитување, велејќи: „Не верувам дека да се биде единец кај самохран родител ми помогна. Отсекогаш бев малку несигурна во себе“.
Минатата година излезе дека Британија станува нација на еднодетни семејства. Домаќинствата со едно дете сега се помногубројни од оние со две, за повеќе од половина милион, што сочинуваат 46 проценти од сите семејства. (Дејли мејл)
n Никогаш не ќе бев актерка ако не бев единствено дете, бидејќи моите родители никогаш немаше да ми дозволат да бидам ѕвезда на семејството Натали Портман |