За градски татко на Скопје нема многу кандидати
Вкупно четири кандидатури за градоначалник на град Скопје пристигнаа во Изборната канцеларија на град Скопје до вчера, до 16 часот. Иако дел од партиите најавија дека официјалните кандидатури на своите кандидати за Скопје ќе ги поднесат во вечерните часови, до официјалното истекување на рокот на полноќ.
Според Бранко Ефремов од Изборната канцеларија на град Скопје, официјални кандидатури до 16 часот поднеле Тито Петковски, Страшо Ангеловски, Трпе Груевски и Јанко Бачев. Коце Трајановски, кој ја најави кандидатурата за градски татко, се очекуваше официјално да ја поднесе кандидатурата синоќа. За градоначалник на Скопје се кандидира и Мирјана Најчевска, која вчера официјално ја промовира ЛДП како свој кандидат. Вакви амбиции пројави и лидерот на Социјалдемократската унија на Македонија, Лазе Еленовски.
Почесниот лидер на ВМРО-Народна, Љупчо Георгиевски, и лидерката на ДОМ, Лилјана Поповска, иако ги најавија амбициите да станат скопски градоначалници, во последен момент се откажаа од трката. ДОМ реши на претседателските и на локалните избори да ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од албанските партии, ДУИ за градоначалник на Скопје го кандидира Шефкет Зеколи, познат како директор на „Зеф Љуш Марку“ и професор на Тетовскиот универзитет. Нова демократија најави дека ќе оди со Аргетим Нагавци, додека ДПА нема свој кандидат. (Ж.Х.З.) |