Кандидатите за претседател се загреваа викендов

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, даде интервју за Радио Илинден од Мелбурн, Австралија
Ѓорге Иванов, Љубомир Фрчкоски, Љубе Бошкоски и Нано Ружин -претседателската кандидатска четворка минатиот викенд го поминаа во загревање за претстојната кампања.
Совет за безбедност за ублажување на последиците од светската економска криза - е пораката што ја упати Нано Ружин, кандидатот за претседател на ЛДП, од Битола до Владата. „Многу сум изненаден што се' уште се молчи за големата економска и финансиска криза. Сите релевантни субјекти во државата треба да се здружат и да направат еден вид совет за безбедност во случај кризата да дојде тука“, изјави Ружин. Ружин рече дека на следниот самит на НАТО речиси е невозможно да добиеме покана за членство и дека Македонија треба да се насочи во изнаоѓање достојна формула за решавање на проблемот со името.
Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, пак, даде интервју за Радио Илинден од Мелбурн, Австралија, во кое се осврнува на повеќе прашања меѓу кои и за името за што вели дека се направени доволно отстапки кон Грција и дека треба да се воспостави црвена линија во преговорите.
Независниот кандидат Љубе Бошкоски, исто така, ја посети Битола, објавувајќи дека нема да користи посебен слоган на изборите, туку само лого на кое ќе пишува „Брат Љубе“. „Очекувам дека Македонија и покрај сите турбуленции, ќе има демократски капацитет за фер и демократски избори без алтернатива“, рече тој.
Претседателскиот кандидат на опозициската СДСМ, Љубомир Фрчкоски, ги посети раселените лица во Куманово и оцени дека се' додека не биде решен нивниот проблем, „Охридскиот договор не е реализиран“. „Игнорирањето на проблемот со раселените е срамота за Македонија“, рече Фрчкоски, повикувајќи ја Владата, како што рече, од својот богат буџет да издвои пари и за ова прашање. (У.В.) |