Tрка за претседател со седуммина кандидати

Седуммина кандидати ќе се тркаат за највисоката функција во државава. Во претседателската трка, дефинитивно, влегуваат професорите од Правниот факултет Ѓорге Иванов и Љубомир Фрчкоски, како кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, а како независен кандидат на граѓаните ќе им се претстави Љубе Бошкоски. Во Државната изборна комисија се потврдени кандидатурите и на Нано Ружин, Агрон Буџаку и Мируше Хоџа, кои ги кандидираа ЛДП, ДУИ и ДПА. А, прифатена е и кандидатурата на Имер Селмани од Нова демократија.
„Во Државната изборна комисија во законскиот рок се поднесени и потврдени седум листи на кандидати за претседател на државата. Рокот истече вчера на полноќ. Следна постапка е ДИК да организира ждребување за да се утврди редоследот на кандидатите на гласачкото ливче“, изјави Зоран Таневски од ДИК.
Според него, сите кандидати ги имаат потребниот број потписи, а кандидатот Иванов освен потписите од граѓаните, ја има поддршката и на 62 пратеници. Кандидатите ги собираа потписите во законскиот рок од 20 јануари до 3 февруари. (Ж.Х.З) |