Стил
„Кожуф“ - јужна скијачка туристичка атракција
Скијачкиот викенд во ски-центарот „Кожуф“ започнува од четврток и трае до недела. Во сабота и во недела дневно доаѓаат и до 1.000 гости
Ангел Данов
На надморска височина од 2.000 метри, на Кожуф Планина е распослан новиот скијачки центар во земјава „Кожуф“. Само триесетина километри од најјужниот и најтоплиот дел на Македонија се крие новата македонска зимска атракција. Со посета на овој центар максимално ќе ги „наполните батериите“ и ќе уживате во дарот на природата. Ние го направивме тоа и ви ги пренесуваме впечатоците и новините од новата туристичка атракција во земјава.
Во моментов патеките на ски-центарот се покриени со снежна покривка од над два метра, а во населбата покривката е до еден метар. Патеките се подготвени за сите што уживаат во зимските спортови. Посетителите со кои разговаравме даваат високи оценки за условите што ги нуди центарот, посебно задоволство искажаа од новата современа шестоседечка жичница која е најголема на Балканот и од ски-лифтовите. Над дваесет отсто од посетителите се од Грција, а другите од Македонија. Скијачкиот викенд на Кожуф започнува од четврток и љубителите на зимските спортови уживаат се' до недела. Од центарот ни рекоа дека во сабота и недела дневно доаѓаат и до 1.000 гости. Оваа година центарот располага со стотина легла. Од март ќе се започне со изградба на регионален пат во должина од 16 километри, кој ќе го олесни пристигнувањето од Смрдлива Вода до центарот. Извршниот директор на компанијата, Ангел Наков, не' информира дека веќе бил избран изведувачот, а изградбата на овој пат ќе ја покрие Фондот за магистрални и регионални патишта. Засега до „Кожуф“ се доаѓа единствено по технички пат широк од 4,5 метри. Тие што не сакаат да продолжат со свое возило, од Смрдлива Вода до скијачкиот центар можат да стигнат со минибуси на ски-центарот само за сто денари. Заради максимална безбедност на посетителите, до 12 часот движењето е само во правец кон центарот, а враќањето по 16 часот. Наков најави дека веќе се работело и на изготвување проект за изградба на патен правец кој преку селото Крњево ќе ја поврзе и Тиквешијата. Изработката на проектот ја финансирала компанијата. Посетителите кои сакаат да уживаат во зимски викенд можат да останат во сместувачките капацитети на центарот, како и во првиот приватен угостителски објект на Кожуф, вила „Тодоров“. Овде се нуди хотелско сместување во осум луксузни апартмани, со комплетна угостителска понуда. Собите се опремени со ТВ-приемник, сателитска телевизија и безжичен Интернет. Појадок и ноќевање за едно лице чини 25 евра. Сопственикот Тодоров вели дека овој објект располага со 32 легла. Најчести гости биле Грците.
„За наредната сезона ски-центарот ќе располага со 1.000 легла, околу 500 легла ќе има во приватните хотели кои ќе се градат, а исто толку планираме да изгради и нашата компанија“, вели директорот на центарот, Ангел Наков, и објаснува дека ова сезона една патека е покриена и со инсталација за технички снег, а во план за наредната сезона се уште три патеки да се покриваат со ваков снег. Досега во изградбата на ски-центарот се инвестирани околу 15 милиони евра, а комплетниот проект се проценува дека чини околу 80 милиони евра.
Еднодневно користење на услугите на ски-центарот чини од 400 до 800 денари, во зависност од тоа колку ски-лифтови и патеки се во функција. За деца од 8 до 14 години се плаќа половина цена, а за најмладите е бесплатно.
Над 50 учесници од Македонија и од околните држави овој викенд ќе бидат дел од Европскиот сноуборд-куп кој традиционално седум години наназад се одржува во Македонија, а годинава првпат на Кожуф. Организатор на овој натпревар е сноуборд клубот „Полар“, кој се јавува како организатор со години наназад, а наедно и организира тренинзи за млади сноубордери и скијачи под водство на 10 лиценцирани тренери. Како што најавува организаторот, за оваа година е предвидено секој ден да има натпревар во различни дисциплини.
Секој викенд, од почетокот на скијачката сезона на патеките на Кожуф скијаат и членовите на скијачкиот клуб Кожуф од Кавадарци. По втор пат во нивна организација ќе се одржи аматерски натпревар во слалом и велеслалом. Претседателот на клубот, професорот по физичка култура, Блаже Велков, вели дека кај младите од Кавадарци има огромен интерес за сите зимски спортови, посебно за скијањето. Тој се надева дека наредната година членовите на клубот ќе можат максимално да уживаат на Кожуф во повеќедневни зимувања.
Првите луѓе кои упорно работат на реализација на проектот замислен како спортско-рекреативен туристички комплекс со целогодишна понуда за туристите, се надеваат дека Кожуф многу брзо, покрај македонска, ќе стане и светска туристичка дестинација. Ова го објаснуваат со тоа дека природата на Кожуф подарила се', извонредни ски- терени, климатски услови и водни ресурси. На Кожуф се судираат медитеранската и континенталната клима. „Предвидената инвестиција ќе даде нова димензија на туризмот, а посебно ќе ја развие и прошири туристичката индустрија на Општина Кавадарци, околните општини и, генерално, целиот јужен и источен дел на Република Македонија. Во план е да се започне со развој на објектите во центарот на планината Кожуф и да се изгради центар со пет ѕвездички кој ги вклучува сите услуги, ставајќи акцент на урбаниот развој и развој на ски-центарот преку летно - зимските спортски активности и активностите од културно- забавниот живот“, велат од ски-центарот „Кожуф“.
Комплексот, кој вклучува повеќе услови, е лоциран на надморска височина од 1.500 до1.700 м, на локалитетот Момина Чука со планински врв Зелен Брег висок 2.208 м, а на 100 м оддалеченост од грчката граница. Комплексот се наоѓа на 33 км оддалеченост од Гевгелија, 148 км од Скопје и 99 км од Солун. Врз основа на периодичните мерења извршени во изминатите осум години, можат да се изнесат просечни податоци за условите на снег во ски-центарот „Кожуф“. Првите врнежи од снег започнуваат во ноември, многу поретко во октомври. Снежната покривка се задржува до средината на април, а во поретки случаи до првите 10 дена од мај. Бидејќи целиот ски-центар е на северна страна, има услови подолго да се задржи квалитетот на снегот, објаснуваат од ски-центарот „Кожуф“. |