Број 2924  сабота, 28 февруари 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

Стил Марјан Нечак

Ако патот е трнлив, успехот е на дофат

Последните десетина години името на Марјан Нечак се врзува најмногу со сценската музика, театар, балет...

Јасминка Павловска



Марјан Нечак, битолчанец и композитор! Може и обратно. Иако со своите сценско-музички дела последниве пет години е на сцените во Хрватска Словенија, Италија..., што значи има интернационална кариера. Марјан Нечак никогаш не ја отфрла Битола од својата дефиниција.

Само минатата година со негова музика се работени проектите „Данс макабр“ со балетот на ХНК во Загреб, „Агонија“ со ИТД во Загреб (режија на Бранко Брезовац), ХНК во Риека - кореодрамата „Дама со камелии“ (режија на Дамир Златар), МНТ во Скопје „Фигаро се разведува“ (режија на Куштрим Бектеши), НТ во Битола - „Црна се чума зададе“ (режија на Владимир Милчин)... Од април годинава се подготвува за копродукцијата во проектот „Галилео Галилеј“ во Фиренца, чија премиера треба да биде во средината на мај... Се' уште е вработен во Битолскиот народен театар, а вечерва на негова музика во Марибор ќе биде изведена премиерата на балетот „Војчек“ во режија и кореографија на Сташа Зуровец.



Вечерва во Марибор е премиерата на балетот „Војчек“ за кој Вие ја напишавте музиката. Од она што може да се најде на Интернет за Вас, се чини дека добро се разбирате со кореографот Сташа Зуровец... Сепак, како овој пат ја преживувате оваа премиера? Го „совладавте“ ли Бихнер?

- Соработката со Зуровац започна со „Глембаеви“ во Риека. Оттогаш направивме три балети, вклучувајќи го и „Војчек“, што значи се разбираме и работиме. Тоа е најважно. „Војчек“ е еден од најтешките драмски текстови и моето искуство, гледајќи пет различни изведби - тука и во Европа, ми говори дека никој не успеал да го приближи текстот до публиката на едноставен, а сепак издржан начин. Впрочем, тоа е најтешко. Музиката е таа што го може тоа, во спој со танцот - идеална комбинација. Оттаму тргна и идејата за „Војчек“.

Би сакал да истакнам дека балетот го изведуваат врвни музички инструменталисти од Македонската филхармонија и Опера, како што се Климент Тодоров��ки, Горан Јанев, Владан Дробицки, Гоце Талевски, Зоран Кирјаковски, Божидар Пејиќ, Благојче Трајковски, Драганчо Младенов, бек- вокалот на Здравка Мирчевска, вокалот на Давор Нечак... на кои сум им бескрајно благодарен на професионално извршената работа.



Последните десетина години името на Марјан Нечак се врзува најмногу со сценската музика, театар, балет... Ретко кој се сеќава (освен можеби битолчани) за момчето што свиреше со „Боеми“, па и за поп-композициите, често се помислува дека тие се на некој друг Марјан Нечак... Станавте ли исклучиво „сериозен композитор“?

- Сериозноста е релативна работа. Се' уште пишувам детски композиции, поп, рок, балади... се' што ме инспирира и исполнува. Ставам украс на мојата инспирација, а тоа се нотите. И композицијата за детски песни е еднакво сериозна работа како и балетот. Моментно работам на песна која е по нарачка на Музејот на современата уметност во Загреб. Песната ќе биде промовирана на отворањето на новизградениот музеј во Загреб, а ќе ја интерпретира Масимо Савиќ.



Би нашле ли се' уште предизвик во македонската естрада, на пример повторно да се обидете да направите македонска песна за Евровизија?

- Тоа е тешко прашање. Инспирација имам, ама желба се' помалку. За Скопскиот фестивал или за „Евросонг“ се врзани неколку реални проблеми: лошата ситуацијата во МРТВ, некомпетентна комисија која ги избира песните, тешкотии во организацијата, реализацијата... Без сето тоа нема резултат. Мислам дека многу еминентни автори и пејачи не учествуваат од овие причини на домашниот „Евросонг“. Се' дури е така, немам желба за учество.

Исто така, „Евросонг“ не е повеќе тоа што беше. Основната идеја е погазена - секој да пее на својот јазик и да се изведува во живо, со оркестар соодветен на композициите. Убавината на песната се доживува преку музиката во неа. И да не го разбирате јазикот, песната да допре до вас. Вака се губи идентитетот на изведувачот, без разлика од каде доаѓа. Најголем доказ за тоа е Италија, која со години е учествува на Евровизија. Италијанците изградија свој бренд - Сан Ремо, со кој ниту еден друг фестивал на светот не може да се споредува.



Од сето искуство со актерите, режисерите и пејачите, музичарите - кој има најголема суета и со кои сакате повеќе да работите?

- Суетата е опасна работа. Најчесто ја имаат оние кои мислат дека се' знаат, дека се' научиле и дека нивниот збор е последен. Моето искуство ми кажува дека секој проект е нов почеток и дека во почетокот ништо не знам. Само со работа и почитување на другите се доаѓа до резултат. Се' дури е така, не сум заразен од чумата - суета. Сум работел на многу проекти, сум сретнал многу суети до небото. Толерантен сум и искусен како да испливам. Иако пак велам секој проект е нов почеток, ново патување и никогаш не знаете каков ќе биде патот. Ако е трнлив - успехот е загарантиран.



Имате работено на повеќе големи бивши ЈУ-сцени (и европски), но никогаш не сте се откажале од Битола и од Битолскиот народен театар. Постои ли тајна врска, или во Битола ништо не може да биде тајно?

- Битолскиот театар е мој матичен театар, каде што сум вработен и каде што ја направив првата музика за претстава. Оттаму го продолжив патот што го одам и денес. На 14 ноември беше премиерата на „Црна се чума зададе“, која со режисерот Владимир Милчин ја направивме во Битола. Секако дека убаво се чувствувате кога работите дома и ги пренесувате искуствата однадвор. Имаме прекрасни млади актери и, секако, искусни „стари волци“, што ме прави секогаш среќен кога работам во Битола. Би бил многу посреќен кога политиката ќе излезе од културата, кога ќе исчезнат провинцијалните препукувања. Со тоа губиме и ние, како уметници и, секако, публиката. Добивка, да не се лажеме, нема. Ги поддржувам напорите на министерката Елизабета Канческа-Милевска за непартизирана култура. Само така ќе имаме успешна и квалитетна култура. Во другите земји, неколку стотици километри подалеку од нас, веќе не ги интересира кому припаѓаш и од која партија си. Единствено ги интересира добро да ја завршиш работата во дадениот рок. Тоа е тоа - можеби не сме се' уште зрели за тоа.



Полесно ли е да се работи дома или на гости? Каде чувствувате повеќе почит?

- Секаде каде што ќе почувствувате дека тоа што го работите го исполнува изведувачот, а изведувачот ја исполнува публиката е вистинското чувство за почит. Проблеми и пречки има колку што сакате - и тука и таму. Вие сте тие што треба да ги решите и да продолжите.


Статијата е прочитана 313 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Забава
Јавно умирање на ѕвездата на реалното шоу
Кој ја украде Евровизија?
„Кожуф“ - јужна скијачка туристичка атракција
Шведската принцеза се мажи за фитнес-тренерот
Тајна венчавка со Брејди?
Водителка на „Евросонг 2009“ во Москва