Камен-темелник на деловниот центар „Хипериум“

Инвестицијата на „Хипо Алпе Адрија лизинг“ е вредна 17 милиони евра
За една година до автосалонот „МИ-ДА“ на булеварот „8 Септември“ ќе никне нов деловен центар „Хипериум“, инвестиција на „Хипо Алпе Адрија лизинг“ вредна 17 милиони евра. Изградбата на луксузниот центар започна вчера со свечено поставување камен-темелник.
„Хипериум“ ќе има пет ката, подземни гаражи со капацитет од 200 возила, а зградата ќе биде изградена во два дела меѓусебно поврзани со внатрешни мостови. По примерот на сите досега изградени деловни центри на групацијата „Хипо“, и оваа ќе биде изведена со најсовремени материјали. Просториите ќе имаат двојни подови, ќе се монтираат системи за заштеда на електрична енергија, климатизацијата ќе биде мрежно поврзана, а влезот во објектот ќе биде контролиран од три локации. На еден кат од деловниот простор ќе биде сместена групацијата „Хипо“, а другите четири ката ќе се даваат на лизинг или ќе се издаваат.
„‘Хипериум‘ е демонстрација на нашата сериозност, амбициозни планови и доследност. Ве уверувам дека ова е прв чекор при влегувањето во сегментот на лизинг на надвижнини. Потребите за лизинг на недвижнини се евидентни и во соработка со надлежните институции, ќе ги надминеме моменталните пречки и ќе го развиеме и овој сегмент“, истакна вчера Ѓорѓе Војновиќ, член на Управниот одбор на „Хипо Алпе Адрија лизинг“.
Инвестицијата на австриската компанија ја поздрави и министерот за економија, Фатмир Бесими, за кого изградбата на „Хипериум“ значи уште еден доказ за подобрување на бизнис-климата во државава, а наедно и стимул за други странски инвестиции. (Дс.Т.) |