Законот за јавна чистота не важи за дивите продавачи на Бит-пазар!

Општина Чаир се прогласува за ненадлежна да се справи со дивиот пазар
Снежана Калабакова
Законот за јавна чистота ги избрка повеќето диви продавачи од пред супермаркетите, од парковите во населбите и од пред сите поголеми зелени пазари, освен од пред Бит-пазар. Таму се' уште на тротоарот пред пазарот и пред Здравствениот дом на картонски кутии, гајби или на церади се продава овошје, зеленчук, цвеќиња, па дури и живина. Малку погоре, на влезот на улицата „Цветан Димов“, од камиони се продава вар и живина, а најлонски ќесиња со вар се наредени и по тротоарите. И на тротарот од аптеката „Зегин“, па се' до ТЦ „Мавровка“ на картонски кутии се продава од мед, текстил и галантерија, до ситни дреболии за секојдневна употреба.
И кога ќе заврши продажбата, на јавната површина останува многу повеќе ѓубре отколку што се плукнатите мастики, или фрлени догорчиња од цигари, за што новиот Закон за јавна чистота предвидува строги казни. Постоењето на овие диви пазарџии јасно укажува дека на Бит- пазар ниту се почитува Законот, ниту пак надлежните контролираат, а уште помалку санкционираат во овој дел од градот.
Од Општината Чаир се сметаат за ненадлежни и велат дека во изминатиов период неколку пати се обраќале до Градот и МВР за решавање на дивиот пазар пред Здравствениот дом. Додаваат дека пазарот е на булеварот „Крсте Мисирков“, кој претставува градска сообраќајница којашто е во надлежност на Градот. Признаваат дека ништо не презеле ниту сега кога стапи во сила новиот Закон за јавна чистота.
Борче Пешевски, портпарол во МВР, вели дека од почетокот на овој месец биле поднесени кривични пријави против седум лица за продажба на овошје и зеленчук на јавна површина. „Законот го кршат и продавачите на тротоарот пред Бит-пазар, затоа што се на јавна површина надвор од пазарот и тука треба да се вклучи и локалната самоуправа на Чаир“, додава Пешевски.
„Ние како општина единствено сме надлежни да се погрижиме за оние кои се казнети и не сакаат да ги платат казните, па прифаќаат општествено корисна работа и треба да ги испратиме на извршување на казната. Постоењето на дивиот пазар паралелно со Бит-пазар не е во наши ингеренции, но со новиот Закон за јавна чистота се надеваме дека и тоа ќе се среди“, објаснува Авни Калаба, одговорен за информирање во Општината Чаир. |