Македонците-земјоделци со своја „амбасада“ во Брисел
Брисел - Македонските земјоделци се самоорганизираа и, место да чекаат информации од државните институции за политиката на ЕУ во земјоделството, си отворија своја канцеларија во Брисел и побараа членство во најголемата европска земјоделска лоби-група. Вчера македонската Федерација на фармерите, Алијансата на кооперативи и Националната асоцијација на сопственици на шуми, обединети под едно име, станаа партнер-членка во лоби-групата „Копа кожека“, што треба да им отвори пристап до сите информации околу земјоделската политика на ЕУ, но и можност да лобираат за интересите за ситните земјоделци во Македонија.
Практично, ова е прва недржавна организација или институција која отвори свое претставништво во Брисел, меѓу другото, и поради тоа што не се задоволни од транспарентноста на државните институции и грижата за нивните специфични интереси.
Федерацијата на фармерите обединува 83 здруженија на индивидуални земјоделци од сите делови на Македонија, а претставништвото и директните контакти во Брисел треба да им помогнат да ги дочекаат подготвено фондовите за помош на земјоделството од ЕУ, кои треба да станат достапни од декември. Како што е познато, за земјоделството оди најголем процент од буџетот на Унијата секоја година, односно 40 отсто или 55 милијарди евра.
Искуството овде покажа дека голем дел од парите не завршуваат во раце на земјоделците, туку на салдата на крупни компании или богати велепоседници, па така лани помош од ЕУ за земјоделство зеле 707 милионери, при што до скоро владите на земјите-членки одбиваа да дадат отчет каде отишле парите, бидејќи тие менаџираат со нив. Фондот за земјоделство е „златната кокошка“ на Унијата, а тоа е причина повеќе македонските индивидуални земјоделци да настапуваат обединето и повидливо во Брисел, иако помошта за земјоделство ќе оди преку државните институции во Македонија. (С.Ј.) |