Број 3094  петок, 25 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Политика

Интерјву

Грција ќе ги ублажи позициите

Бернд Поселт, европарламентарец и лобист на нашата земја

Во интерес на Грците е да не прават ништо што би ја дестабилизирало демократска Македонија

Тамара Грнчароска

Господине Поселт, Вие сте еден од најголемите лобисти за Македонија во Европскиот парламент. Што и' помогнаа конкретно лобистите на Македонија да се измени ставот и погледот на Брисел кон нашата земја во изминативе години?

Многу е важно да се знае реалноста на една земја и да се шират такви информации за земјата. Во последните месеци и години имаше дезинформациона кампања против Македонија во поглед на националните избори. Критичарите велеа дека овие избори не се слободни. Тие можеби не беа совршени, во некои села, но тие беа повеќе или помалку слободни и добри, но луѓето зборуваа дека тоа не е вистинска демократија. Тоа е некој вид дезинформација, која мора да биде проверена. Поради тоа, ни требаат повеќе информации за земјата во европските институции, што не може да се прави само од некои официјални претставници, туку и од парламентарците, медиумите, организациите, граѓанското општество.



Европскиот парламент побара од Комисијата и од Советот на ЕУ Македонија оваа година до добие датум за старт на преговорите. Какви се Вашите процени за тоа?

Европскиот парламент врши многу силен притисок врз Комисијата и Советот дека тие сега треба да го одредат датумот за старт на преговорите. Ова е наша позиција како Парламент и сметам дека ако гласањето за Лисабонскиот договор во Ирска на 2 октомври биде успешно и се решат тие проблеми, тогаш наскоро ќе имаме датум за преговори и уверен сум дека тие ќе започнат идната година.



Грција најавува дека може да стави блокада на датум за преговори за Македонија во Советот. Дали ЕУ е немоќна пред тврдиот став на Грција или се работи за нешто друго?

Ако го погледнете она што се случува токму сега во врска со Хрватска, ќе видите дека го започнавме окончувањето на блокадата на Словенија кон Хрватска и решението може да биде да продолжат преговорите. Се надеваме дека ќе го имаме овој прогрес во октомври. Сигурен сум дека билатералниот проблем немаше да биде решен досега, но ако се оддели процесот на преговори, преговорите за решавање на билатералниот спор ќе се одвиваат паралелно. Овој модел треба да се користи и за Македонија.

Може да ги започнеме преговорите со ЕУ без да се решат сите билатерални проблеми, но треба да најдеме добро расположение и сметам дека Македонија направи многу да создаде такво расположение. Цела Европа е на страна на Македонија и нема разбирање за позициите на Грција кои, исто така, се и против интересите на Грците, бидејќи го блокираат целиот интегративен процес во регионот каде што живеат. Национализмот секогаш е нешто што е проблем за сопствената држава, во најмала рака. Поради тоа, многу јасно им рековме на Грците: запрете го ова во корист на вашиот сопствен национален интерес. Сметам дека по изборите во Грција, ќе го разберат тоа.



Не сметате ли дека е различна ситуацијата меѓу Хрватска и Македонија и дека во случајот на Македонија притисокот е повеќе врз македонската страна.

Тоа не е точно. Имаме многу јасно и позитивно чувство за Македонија и сите во Европскиот парламент, освен некои глупави луѓе, така да се изразам. Значи, 99 проценти од парламентарците знаат дека Македонија се движи по европскиот пат и дека оваа блокада од Грција е апсолутно неприфатлива. Никој не ја критикува Македонија, која направи се' што е можно на секој начин. Престижот на македонската Влада е многу висок и е на европскиот пат, но оваа блокада е само блокада на грчкиот национализам. Никој не ги прифаќа овие будалести игри околу името на земјата.



Гледате ли решение на таквата ситуација?

Решението е да се најде прагматичен пат за разделување на преговорите за проблемот околу името од преговорите со ЕУ. Знаете, кога ќе ги почнете преговорите со ЕУ, тоа ќе трае две-три години, ќе оди чекор по чекор, ќе се отвораат и затвораат поглавја, на крај, тоа мора да биде ратификувано од секоја земја поединечно, вклучително и Грција. Значи, Грците можат да ги деблокираат преговорите без каков било ризик за нив, бидејќи тие не се надвор од процесот, тие се земја-членка. Поради тоа, не можам да разберам зошто го блокираат стартот на преговорите. Мислам дека некои грчки политичари се многу поразумни отколку она што го кажуваат во јавноста и се надевам дека ќе се дојде до решени, чекор по чекор, кое ќе ги оддели тие два процеса.



Грција е пред избори на кои се очекува победа на социјалистите. Според Вас, ќе смени ли тоа нешто во грчката политика спрема Македонија?

Го познавам господинот Папандреу, тој живееше некое време во Германија и зборува германски, живееше во САД и зборува англиски, живееше во Франција и зборува француски и сметам дека тој е човек без предрасуди и се надевам дека тоа ќе помогне.



Постои мислење дека новиот состав на ЕП, поради убедливото мнозинство на десничарските партии, нема да и' биде толку наклонет Македонија како досега.

Не постои причина за такво размислување. Знаете дека нашата партија, Европската народната партија, отворено е на страната на Македонија. Ние сме најголемата група и многу силни во Европскиот парламент и, исто така, и во другите парламентарни групи има луѓе кои не' поддржуваат и поради тоа сметам дека не постои простор за такво мислење. Премиерот Груевски и министерот Милошоски имаат многу добри позиции во ЕУ, добро се познати, поради што мислам дека шансите се многу добри. Исто така, Жозе Баросо доаѓа од нашата парламентарна група, како и мнозинството од комесарите, мнозинството во Советот, поради што не гледам кој би ве блокирал.

Да се вратам на Грција, мислам дека и сегашната влада, која е поврзана со нашата партија - Народната партија, ќе ги ублажи своите позиции по изборите. Не е прашање на политиката на партијата, туку е прашање на грчкиот интерес. Знаеме дека Македонија е економски и стратегиски важна за Грција. Никој што оди од Франција кон Германија не мора да помине низ Македонија, но Грците мора да поминат низ Македонија поради што сметам дека во нивен национален интерес и добрососедство е да ја имаат стабилна демократска Македонија, каква што е сега, и не треба да прават ништо што би ја дестабилизирало.

Вие сте добар познавач на состојбите во Македонија. Сметате ли дека земјава е на вистинскиот пат во поглед на мултиетничкиот и мултирелигиозниот соживот?

Европа не е вештачка Европа. Таа е основана врз нејзиното религиозно наследство, што е, исто така, споменато и во Лисабонскиот договор, дека религиозните корени на Европа се основа на интеграцијата, исто како и културните корени. Не сакаме „Мекдоналдс Европа“, сакаме Европа која е изградена на идентитетот на нејзините религиозни и национални заедници и тоа е нормален и многу добар процес.

Сметам дека соработката меѓу христијанските цркви и исламските во Македонија е модел за Европа, бидејќи во многу земји имаме традиционални исламски малцинства, особено во некои земји-аспирантки, како што се Албанија и Босна, но имаме и нови исламски малцинства, поради имиграцијата, на пример, во Германија. Во повеќето земји-членки на ЕУ, христијаните се најголемата заедница, а втора е исламската заедница. Поради тоа, потребен ни е модел за соработка меѓу ��ристијаните и муслиманите и сметам дека Македонија е модел за тоа.

Разговарав со експерти, претставници на папата, за меѓурелигиски дијалог, и велат дека Македонија е водечка нација во поглед на ваков начин на религиска толеранција и дијалог. На одличен пат сте и ние треба да го следиме. Може да учиме од Македонија. Европската интеграција не е само процес во кој треба да учат само земјите-кандидати, туку и ние како ЕУ треба да учиме. Може да научиме многу од Македонија.



Што мислите за историските прашања, како што е, на пример, проблемот со Македонската енциклопедија, која деновиве ги подели двете најголеми етнички заедници во земјава?

Со целосна почит спрема професорите, слободата на изразување, исто така, е слобода да излезеш смешен. Треба да се почитува она што е објавено, сметам дека поголемиот дел е одличен, но има делови кои не се толку добри. Но, не е на нас како политичари да цензурираме. Треба да го почитуваме нивното слободно мислење и поради тоа мислам дека е тоа дискусија во граѓанското општество, кое не треба да биде цензурирано од ЕУ или од политичарите, бидејќи живееме во демократија.



Вие сте претседател на германскиот разгранок на Паневропската унија и борец за правата на протераните Германци од Чешка по Втората светска војна. Колку се почитуваат правата на малцинствата во земјите од ЕУ и која е Вашата визија за иднината на Европа?

Секогаш е потребно да се работи со прашањата на правата на малцинствата. Нашиот проблем е дека ЕУ влијае врз членките за права на малцинствата, што е добро, но потоа бара од земјите-кандидати стандарди кои не постојат во рамките на ЕУ и тоа е двоен стандард, што не го одобрувам. Потребен ни е и добар стандард за правата на малцинствата и во ЕУ. Македонија е на одличен пат. Сите малцинства се претставени и во Владата и во парламентот, што е модел за Европа и ме разбеснува тоа што некои други земји, соседни, немаат малцински права. Малцинствата можат да бидат динамит за основата на ЕУ, но, исто така, можат да бидат и интегративен елемент. Тие можат да бидат цемент, а јас сакам да бидат цемент.


#
Статијата е прочитана 1851 пати.

Испрати коментар

Од: jimmy 1
Датум: 25.09.2009 06:52:14
Navistina realen podrzuvac na Makedonija, no zosto ne mu postavivte prasanje za podelbata na Makedonija vo 1913 godina. Neznam zosto toa ne se spomnuva nitu vo razgovorite so Grcija pa da im se kaze deka toj del sto tie go vikaat Makedonija e nas, dobien na poklon pred 96 godini. Se dodeka toa se zanemaruva ke si igraat site so nas po nivna volja. Ne treba da begame od vistinata, tuku da e lobirame pa neka uvidi svetot so kakvi gluposti neuslovuva Grcija.
Од: ЕУ-Монитор
Датум: 25.09.2009 10:41:14
Овој не знае што збори!
Од: Пројко
Датум: 25.09.2009 12:26:48
Во Македонскиот случај затаи Православието и христијанската солидарност од пуста желба да се освои Македонија за свои цели и потреби. Никој од нашите соседи не сакаше да мисли за изворните вредности на Христијанството. Пропагандите што беа устроени за разграбување на Македонија се уште се терет за Македонија. Ним им робуваат не само соседите, туку и Европа, за жал...

Најди! во Утрински
Политика
Хрватска прва во ЕУ, Македонија дури по 2015
Владата си праќа дописничка „принцеза“ во Брисел
СДСМ отвора скандал со таткото на Милошоски
Ќе нема проблеми во РЕК „Битола“
Кривична пријава за пописот во 2002
Македонците-земјоделци со своја „амбасада“ во Брисел